Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, треба да го посети Тајван оваа недела (можеби уште денеска), а Кина соопшти дека нејзината војска нема да „седи со скрстени раце“ доколку Пелоси дојде на автономниот остров.
Се верува дека нејзината посета ги поткопува врските меѓу Кина и САД, а азиската суперсила забрани испораки до повеќе од 100 тајвански извозници на храна пред настанот во обид да изврши економски притисок врз клучната индустрија на островот, пишува „Блумберг“.
Кинеската Генерална Царинска управа ја воведе забраната во понеделник, први август, според локалниот медиум United Daily News, кој вели дека ембаргото опфаќа различни стоки: морска храна, чај, мед.
Според извештајот на порталот Apple Day со седиште во Тајпеј, застарени податоци во документацијата за увоз се наведуваат како објаснување, а тајванската управа за храна и лекови се обидува да дознае повеќе за проблемот.
„Блумберг“ понатаму наведува дека оваа кинеска забрана е последна во низата мерки преземени од Пекинг насочени кон земјоделската индустрија на Тајван.
„Многу региони за производство на овошје на југот на овој остров се бастиони на политичка поддршка за Демократската напредна партија на претседателот Цаи Инг-вен, која се залага за формална независност на Тајван, додека Кина го смета Тајван за дел од својата територија“, се забележува во текстот.
Кина ги затекна властите во Тајпеј неподготвени кога неочекувано воведе забрана за увоз на ананас минатата година, по што следеше ембарго за увоз на јаболка и зашеќерени јаболка во септември. Иако значителна количина на овошје произведено во Тајван оди за домашна потрошувачка, огромното мнозинство од извозот оди во Кина.
Последната забрана доаѓа по најавите дека Пелоси ќе лета за Тајпеј во вторник навечер, според извори на „Блумберг“ запознаени со нејзините планови. Оваа посета предизвика остри предупредувања од кинеските власти кои се заканија со „тешки последици“ доколку претседателката на Претставничкиот дом на САД го посети Тајпеј.