Делегацијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го напушти чествувањето за Илинден на Мечкин Камен без да го проследи обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски. Како што изјави потпретседателот на партијата Александар Николоски, тоа било поради партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ.
„Ние сме тука, но за жал СДСМ не успеа да се надмине себе, донесоа тука исклучиво партиски активисти. Ги носат со автобуси и на сите кои што не се членови на СДСМ вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. Всушност, и на одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука, не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот. Дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој доаѓа со чесна мисла, а не под политичка наредба,“ изјави Николоски.
По повод Денот на Републиката – Илинден, делегации на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска положија цвеќе на гробот на Никола Карев во Крушево и на неколку локации во Скопје.