Република Северна Македонија е суверена држава која одлуките ги носи самостојно водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност. Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независнот на Украина, а пред се во поддршка на мирот, човековите права и меѓунаордниот поредок заснован на правила, се вели во заедничкото соопштение на МНР и МО на РСМ на изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
„Досега Владата на Република Северна Македонија донесе неколку Одлуки за воено – техничка помош со кои и помагаме на Украина во одбрана на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција.
Република Северна Македонија како членка на најмоќниот воено – политички сојуз – НАТО Алијансата, одлучно стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји – членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации“, се додава во заедничкото соопштение.
Русија смета дека е голема грешка одлуката на властите на Северна Македонија да и донираат на Украина тенкови Т-72, изјави претходно портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Иако станува збор за застарена опрема, со донацијата, наведува Захарова, се дава поддршка за „продолжување на криминалните активностите на режимот во Киев”.
– И покрај тоа што, според северномакедонските власти, тоа е „безопасна” донација на застарена опрема, останува фактот дека лојалното кон НАТО Скопје е вклучено во испораката на оружје а Украина, со што придонесува за продолжување на криминална активност на режимот во Киев против цивилното население во Донбас. Луѓето кои исповедаат демократија, слобода и човекови права треба да го знаат тоа. Сето ова води кон дополнително влошување на ситуацијата. Сметаме дека ова е голема грешка на раководството на Северна Македонија, вели Захарова во изјавата објавена на веб страницата на МНР на Русија.