Нема мрдање од нашиот стабилен фиксен девизен курс и не треба да има сомнеж по ова прашање. Девизните резерви се амортизерот – заштитниот слој кој ја гарантира таа стабилност и истите имаат улога да ги елиминираат притисоците доколку се појават и затоа тие континуирано се кумулираат. Во последните неколку месеци (април – јули) сме сведоци на континуирано избледување на притисоците на девизниот пазар и продажбата на девизи и веќе во јули повторно се преминува во откуп на девизи – односно се забележува ново зголемување на девизните резерви, вели во изјава за МИА универзитетскиот професор и член на Советот на Народната банка, Борче Треновски.
Професорот посочува дека монетарната стабилност и предвидливост е пресудна за креирањето на одржливи економски политики, здрава деловна клима и бизнис околина.
– Девизниот курс за нашата економија, претставува „сидро” кое не дозволува „економскиот брод” да го однесат брановите предизвикани од регионалните и глобалните ветрови на нестабилност. Синџирот кој го држи сидрото и бродот закотвен се девизните резерви кои често се предмет на дискусии, елаборации и шпекулации. Оттука, нема дилема дека одмерените реакции на монетарната власт – Народната банка, неопходно треба да бидат во насока на чување и одржување на таа стабилност, посочува Треновски.