Државниот завод за ревизија (ДЗР) извршил ревизија на успешност на тема „Задолжување на субјектите од јавниот сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите и платени и створени трошоци“ со цел да дадат одговор на следното прашање: Дали јавните инвестиции кои се финансираат со средства од заеми се реализираат на ефикасен и економичен начин?”
Ревизијата на успешност е извршена согласно Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија за 2021 година.
„Опфатот и доказите кои се обезбедени по пат на спроведување на техники и методологија од страна на ревизијата, даваат основ да го изразиме следниот заклучок: Со спроведената ревизија на успешност стекнавме разумно уверување дека финансирањето на јавните инвестиции со средства од заеми од официјални кредитори овозможува обезбедување на средства за големи инвестиции по поволни услови, за кои има грејс период и подолг период за сервисирање на долгот“, велат од ДЗР.
Предностите од финансирањето на проекти за субјекти од јавен сектор со заеми кај официјални кредитори се: комбинирано финансирање на проектите со можност од инвестициски грантови преку ИПА Инструментот и WBIF Инструментот, особено за патната и железничка инфраструктура, како и даночни ослободувања особено поволни за ЈП за државни патишта.
„Утврдивме дека системот за управување со јавни инвестиции е уреден со поединечни закони за задолжувaње и договори за заем и отсуствува посебна регулатива за реализација на јавните инвестиции. Во стратешкото планирање на јавните инвестиции има слабости како што се: отсуство на национална методологија и критериуми за избор на проекти. Во постоечката правната рамка не е дизајниран ефикасен систем за мониторинг и надзор над проектите со процедури, надлежни институции и не се воспоставени индикатори за следење на проектите, поради што за дел од проектите навремено не се преземаат корективни мерки за намалување на ризиците“, истакнуваат ревизорите.
Со ревизијата утврдени се недостатоци во техничките решенија во проектната документација што значително влијае на крајните рокови за завршување на работите, како и на вредноста на проектот. Состојбата на некоординирано дејствување на институциите и отсуство на активно управување со процесите влијае на вкупната вредност на проектите и повисоки трошоци по договорите за заеми. Кај проектите од железничката инфраструктура за Коридор VIII постои неизвесност во искористувањето на грант средствата поради бавната динамика на реализација на проектите.
Наведените состојби предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за проектите преку повисока цена на чинење на изградбата и зголемени трошоци по заемите, поради што реализацијата на јавните инвестиции кои се финансираат со заеми во целост не е спроведена на ефикасен и економичен начин. Ефектите од јавните инвестиции за остварување на инвестиционите цели се пролонгираат за идни периоди како резултат на продолжување на роковите за реализација на проектите, се додава во извештајот на ДЗР.