Орбан го отвора најголемиот собир на републиканците во Тексас

од Nikola Popovski
172 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе говори на отворањето на најреномираниот собир на републиканците во САД – Конзервативната политичка акциона конференција (CPAC), што годинава се одржува во Тексас од 4 до 7 август. На конференцијата, меѓу другите, ќе зборуваат поранешниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот стратег на Белата куќа и соработник на Трамп, Стив Банон, британскиот конзервативен политичар Најџел Фараж, некои презентери на Фокс њуз и други.

Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците, како што е наведено на веб-страницата на СРАС, е „најголемиот и највлијателниот собир на конзервативците во светот“ од 1974 година.

Орбан, како што претходно објави АП, ќе зборува на отворањето на конференцијата, што укажува на зајакнување на врските меѓу американските и унгарските конзервативци. И ова не е негово прво појавување на конференцијата CPAC.

Во мај годинава беше домаќин на републиканската конференција во Будимпешта, прва што се одржа во Европа. Непосредно пред конференцијата, Орбан повторно победи на унгарските парламентарни избори и го освои четвртиот последователен мандат, а како рецепт за политички успех ја наведе „сопственоста врз медиумите“.

Унгарскиот премиер често е критикуван од ЕУ за поткопување на институциите, притисоци врз медиумите и влијание врз судството, однос кон мигрантите и ЛГБТ популацијата. Организацијата Фридом Хаус ја класифицира Унгарија под Орбан во групата на делумно слободни земји, а во сферата на медиумското влијание и сопственост оваа организација своевремено ги спореди унгарскиот премиер и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Иако неговото владеење често беше опишувано како недемократско во меѓународните кругови, тој успеа да ја задржи својата популарност во Унгарија, како и во одредени американски конзервативни кругови, објави претходно АП.

На конференцијата CPAC во Будимпешта, потсетува АП, Орбан рече дека Унгарија е „бастион на конзервативните христијански вредности во Европа“ и апелираше до американските конзервативци во јавниот живот да ја „победат доминацијата на прогресивните либерали“, како што направи во Унгарија.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп е меѓу поддржувачите на Орбан, кој го поддржа унгарскиот премиер во трката за реизбор во април оваа година. Во 2020 година, Орбан го поддржа Трамп на претседателските избори во САД, а унгарскиот лидер беше гостин на Трамп во Белата куќа во 2019 година.

Слични содржини