Донацијата на одредени средства е политика која секоја влада ја води и за која донесува одлука, во склад со претпоставувам синхронизирани планови, процеси и процедури и секако сето тоа ускладено со легислатива. Оваа донација дополнително е дел од мерките кои ние како НАТО земја членка ги преземаме согласно определбата и заложбата на НАТО за поддршка на Украина во несреќниот конфликт кој беснее во тој дел од светот, вели во разговор за „Локално“, воениот експерт и професор на Воената академија, Методија Хаџи-Јанев за воената донација од македонската армија за потребите на Украина во војната со Русија.
Професорот смета дека имаме потреба од соодветни средства од ваков вид, но прашањето е дали конкретните средства ќе може да ја испорачаат таа потреба.
-Имено, со укинувањето на лиценците на добар дел од комапниите кои може да ги одржуваат наведените средства (да добавуваат делови, опрема, муниција и секако да прават ремонти) од страна на Русија таа создаде монопол за овој вид на опрема. Тоа во превод би се свело е како да имате некој автомобил кој е релативно добар но, заради годините, му расте расипливоста а сервис и резервни делови немате. Или ги имате ама не можете да ги земете. Или уште повеќе за да може да работи ви се потребни специјално за неа дизајнирани ресурси кои ги има само на едно место на светтот од каде не можете да купите. Во исто време сите други кои имале вакви автомобили веќе се ослободиле од нив и ги предале. Со други зборови (читај) Полска, Чешка, Словачка, Бугарија и некои други се земјите од каде можете да се надевате дека ќе можете да обезбедите ланец на одржување и снабдување, ама проблемот е што тие веќе се ослободиле од тој ланец и ги донирале, појаснува Хаџи Јанев.
Според него, вистинското прашање значи не е во тоа зошто се донирани од страна на Министерството за одбрана и Армијата.
-Би рекол тоа во овој момент е паметен потег, бидејки многу бргу е можно да се доведете во ситуација да никој друг нема да може да ги земе или купи. Прашањето е како ќе го обезбедите тој ресурс или капацитет. Дополнително, кон ова мора да земете во предвид дека како земја членка на НАТО ние сега имаме би требало да имаме и поинаква доктрина. Таа доктрина, секако подразбира дека претпоставаката е оти ланецот на снабдување и одржување ќе мора да се базира на други поинакви стандарди за да бидете компатибилни и интероперабилни. Тенденцијата за градење на такви капацитети е дополнителен аргумент зошто треба да се ослбодите од сегашните капацитети, посебно ако набавувате нови а морате. Да поедноставам проблемот ќе биде во смесувањето и чувањето на овие средства. Да заклучам, да вакви средства се потребни, да средствата кои се донираат имаат своја предност, но смената на нештата како на геополитички план, нашето членство во НАТО се причини кои ја оправдуваат постапката, објаснува професорот.
На прашањето дали овој непријателски чин, како што го смета Русија, ќе биде заборавен, Хаџи Јанев вели дека Русија како субјект во конфликтот е во право кога кон нас реагира како страна на конфликт, бидејќи со донацијата ние не само наративно туку и практично заземаме страна.
-Но, не заборавајте дека триесет години речиси целата политичка елита, а со тоа и народот кој ја поддржува (независно дали опозиција или позиција), зборуваше, дејствуваше и преземаше чекори за да станеме дел од либерално демократскиот свет и тоа со амбиците за членство во ЕУ се уште се прави. Работите се крајно едноставни, ако народот сака друг поинаков дискурс тоа може да го каже на избори. Точно е дека се појавија политички субјектои кои имаат поинаква агенда и кои сметаат дека како држава не треба да одиме во тој правец. Поддршката на ова или пак не поддршката на тие цели политки и агенди народот има право да го каже на избори или пак преку други воспоставени механизми и порано. Матрицата во која македонскиот гласач е поставен ќе треба да се смени за да има таква промена на курсот каде македонската политика ќе се движи. Засега, од она што можеме да го видиме просперитетот дека тоа ќе се случи е малку веројатен, порачува Хаџи-Јанев.
Во однос на тоа дали постои опасност по нашата земја по донациите и цврстото застанување на страна на Украинците, воениот експерт вели дека засега географски сме на сигурно, а и оперативно не сме потенцијално интересни да бидеме примарна цел.
-Сепак, будноста не смее да се намали и сите критични точки процеси, политики и дејствувања мора да се следат будно бидејќи работите од нула до максимум може бргу да се сменат. Конечно, припадноста кон даден блок независно кој е тој блок носи свои предности и недостатоци. Само да подвлечам не заборавајте ние трисет години се залагаме за членство во одбранбен систем – кој во одредена мерка е и колективен безбедносен систем. Тој систем има јасна идеологија, политика и вредности. Не можеме да кажеме не знаевме каде одиме. Уште повеќе припадноста значи дека не сме неутрални. Доколку сакате имавме прилика да видиме дури и таква смена. Шведска и Финска кои беа неутрални мораа да отстапат дел од своите политики (а со тоа и вредности) за да се приклучат кон сојузот. На пример барањето на Турција да прекинат поддршка (која според овие земји беше демократска) на даден политички субјект, кој за Турција е терористичка организација, претставува отстапка и прилагодување кон условите на блокот во кој сакаат да влезат. Компензацијата според нив е оправдана бидејќи како што тие сметаат имаат друг поголем проблем кој е егзистенционален. Тие како што гледаме го одбраа НАТО, и со тоа излегоа од зоната која до сега им даваше комфорот – неутралноста, оценува Хаџи Јанев.
Н.П.