Даночниот советник Павле Гацов е исклучително внимателен во однос на очекуваните придобивки од измените на Законот за финансирање на општините, особено од посакуваната цел за конечно фискално дисциплинирање на единиците на локална самоуправа.
Во интервју за „Локално“, посочува многу потешкотии на тој пат, а една од основните според него е дека преку планираното зголемување на приходите од ДДВ и од данокот на доход, општините ќе обезбедат подобра фискалната позиција, но повторно нема да можат да ги покријат своите потреби за финансии. Како дополнителен проблем го посочува фактот дека ваквите решенија не ги стимулираат општините кои не се ефикасни во наплатата на потенцијалните приходи да работат на подигање на својата ефикасност и да се подобруваат, напротив.
„Средствата што им припаѓаат од централниот буџет ќе ги добиваат и општините (градоначалници и советници) кои се „добри“ со своите гласачи и не ги наплатуваат даноците што им припаѓаат, и оние кои бараат од своите гласачи да ги плаќаат локалните давачки. За иста правна ситуација, градоначалниците различно постапуваат, се однесуваат, што претставува класична дефиниција за дисторзија на системот (ентропија)“, вели Гацов за „Локално“.
Во оваа насока ја посочува досегашната пракса на дел од општините кои иако не се ни обидуваат да ги прибираат локалните давачки што им припаѓаат со закон и целосно зависат од буџетските трансфери и донации, не се санкционираат и не им се намалува финансирањето од буџетот.
„Тие немаат вистински мотив да престанат така да се однесуваат. Државата ги финансира од средствата на сите граѓани, а тие како избрани политичари се претствуваат пред своите гласачи (жители на општината), како заштитници и чувари на нивните приватни финансии. Чудна неказнива состојба (мочуриште во локалните финансии), која мора да биде решена со мерки и активности на општините и централната фискална власт и органот надлежен за локалната самоуправа“, посочува Гацов.
Тој се сомнева во иницијалната намера со измените да се обезбеди фискална дисциплина и транспаренто работење, бидејки прописите се добри на хартија но во пракса се судираат со отпорот за нивна примена.
„На крајот надвладуваат политичките мотиви на преживување и се забораваат иницијалните намери со кои требало да се решат негативните состојби“, смета тој.
Измените на Законот за финанВсирање на единиците на локалната самоуправа предвидуваат зголемување на приходите од ДДВ и од данокот на доход.До 2024 г. тие наместо досегашните 3% од данокот на личен доход би добивале 6 %, а приходот од ДДВ од 4,5% ќе се зголеми на 6%. Во ситуација кога Владата вели дека овие пари се доволни, а ЗЕЛС смета дека се потребни уште, каде треба да се бара идеалната средина?
-Фискалната децентрализација не треба да се темели само на постојаното зголемување на учеството на единиците на локалната самоуправа во зафаќањето на средства од централниот буџет. Имено растот за зафаќањето од данокот на личен доход за 100% и растот на издвојувањето на ДДВ во корист на општините за 33%, ќе значи подобрување на нивната финансиска позиција која сепак нема да може во целост да ги покрие општинските потреби за финансии. Потенцијалот за алиментирање на локалните финансии кој лежи во локалните даноци (данок на имот, данок на промет на недвижности и данок на наследство и подарок) , такси и надоместоци) не е искористен ниту половично.
Затоа во иднина треба да се работи на подигање на капацитетноста на општините за максимално прибирање на приходите од локалните даноци и други давачки, воспоставување на ефикасни служби и нивна редовна едукација, дигитализирање на процесите, уредување на регистри, проверки на терен и слични активности со кои ќе се елиминира даночната евазија и сивилото во примената на можностите што ги нудат прописите.
Во просек 6 отсто од буџетите на општините се полнат од данок на имот. Какви ќе бидат ефектите од новите законски измени ако се знае дека сега има огромни разлики меѓу единиците на локалната самоуправа во оваа насока? (Центар Жупа иАрачиново зависат од овој данок помалку од 1 %, додека буџетот во Центар и Карпош над 20% се полни од данокот на имот?
-Ваквите решенија не ги стимулираат општините кои не се ефикасни во наплатата на потенцијалните приходи што им припаѓаат да работат на подигање на својата ефикасност и да се подобруваат, напротив. Средствата што им припаѓаат од централниот буџет ќе ги добиваат и општините (градоначалници и советници) кои се „добри“ со своите гласачи и не ги наплатуваат даноците што им припаѓаат, и оние кои бараат од своите гласачи да ги плаќаат локалните давачки. За иста правна ситуација, градоначалниците различно постапуваат, се однесуваат, што претставува класична дефиниција за дисторзија на системот (ентропија). За поставување на правила за системско подобрување во овој сегмент, потребно е државата паралелно со зголемените финансии, да обезбеди дигитална поддршка, како и обуки на општинарите за примена на прописите за прибирање на локалните давачки и се разбира мерит критериуми за дестимулирање на неработењето и стумулирање на проактивните општини што ќе ги осовременуваат своите процеси во локалните финансии.
Во идентичен контекст се и некои анализи според кои одредени општини како Центар Жупа, Арачиново и Студеничани речиси 100 % зависат од трансфери и донации од централниот буџет. Колкави се шансите со овие измени да се дојде до барем делумно надминување на оваа поразителна ситуација?
-Со оглед дека некои од општините кои не се обидуваат да ги прибираат локалните давачки што им припаѓаат согласно со закон не се санкционирани со изземање, односно намалување на нивното финансирање од централниот буџет, тие немаат вистински мотив да престанат така да се однесуваат. Државата ги финансира од средствата на сите граѓани (тука се и оние граѓани кои си ги плаќаат своите локални давачки кон својата општина), а тие како избрани политичари се претствуваат пред своите гласачи (жители на општината), како заштитници и чувари на нивните приватни финансии. Чудна неказнива состојба (мочуриште во локалните финансии), која мора да биде решена со мерки и активности на општините и централната фискална власт и органот надлежен за локалната самоуправа.
Дали сметате дека со овие измени генерално ќе се исполни очекувањето на Владата дека ќе се обезбеди поголема фискална дисциплина, отчетно и транспарентно работење на општините?
-Прописите на хартија секогаш се добри, но нивната практична имплементација е реален проблем, па во тој судир со отпорот за примена на новите решенија кои ја нарушуваат комоцијата на засегнатите, на крајот надвладуваат политичките мотиви на преживување и се забораваат иницијалните намери со кои требало да се решат негативните состојби. Затоа е потребен систем кој автоматски би функционирал со точно зададени критериуми кои треба да се исполнат за да се добие дел од финансиите, па следен исполнет услов за следното финансирање и се така до будењето на локалните власти кои треба да го носат товарот за изнаоѓање на соодветни решенија за финансирање на општинските проекти кои ги ветувале пред изборите.
Според барањата на ЗЕЛС, општините треба да добиваатнајмалку 10 % од ДДВ-то, и минимум 50% а од персоналниот данок за да обезбедат подобри услуги за граѓаните. Се повикуваат на искуства од други држави, но што мислите, дали се тие применливи кај нас во услови кога општините ни се преполни со партиски, не многу оспособени кадри?
-Се разбира дека вакви остри промени не треба да се случуваат, имено, централниот буџет би изгубил значителни средства, а општините од друга страна не се капацитетни да ги управуваат неколкукратно зголемените приходи. Затоа промените треба да се вршат низ процес на постепено менување. По подигнувањето на капацитетите на општините, локалните финансии може значително да се модернизираат и да се финансираат пред се од локалните давачки со опција да се зафати во реално време делот од централните давачки кои се прибираат на територијата на секоја општина, тнр. доданок.
Во обид да ги “дисциплинира’’ презадолжените опшини на кои постојано им префрлува пари без притоа да се бара одговорност за начинот на кои биле потрошени сите прибрани но и доделени средства, Владата предвидува веќе слушнати активности за реално планирање на приходите и расходите, редовно враќање на долговите,како и прогласување финансиска нестабилност на општините по сила на закон. Дали е ова начинот и патот кон вистинската децентрализација кон која одамна стремиме?
-Потребни се активности и мерки, кои погоре ги споменав, имено политиките и стратегите освен што треба во прописите да се внесат, треба да се операционализираат на терен. Токму операционализацијата е алката на која потфрлаат сите добро планирани кабинетски реформи за подобрување на локалните финансии. И овој пат недостасува некаква форма на подготовка и активности во локалните самоуправи која ќе значи наградување на ефикасните, но и „загревање покрај теренот“ за неефикасните општини во обид да се подготват и тие да бидат ефикасни и да користат повеќе владини финансии.
К.В.С.