Левица денеска преку соопштение порача дека во Охрид се појавува нов бугарски „културен клуб“ под името „Цар Борис III“. Според партијата, станува збор за „нео-фашистичко здружение“.
-Бугарските фашистички војски на Цар Борис, придонесоа кон „конечното решение“ на Хитлер, и притоа голем број македонски Евреи беа депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“. Овој бугарски цар, за време на Втора светска војна, ја приклучи фашистичка Бугарија кон тројниот пакт. Потоа следеше и инвазија, окупација и анектирање на Македонија, кое беше проследено со многубројни убиства и ѕверства врз недолжното македонско население и македонските партизани. Претседателот на ова нео-фашистичко здружение е извесен Томе Блажески, кој активно работел во повеќе слични здруженија кои имаат за цел да го поматат разумот на младите Охриѓани и Македонци, обвинија од партијата.
Левица бара од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да реагира за отворањето на бугарското здружение.