Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски изјави дека заедно со своите приврзаници ќе формира граѓанско движење по примерот на движењето „За наше Куманово” кое беше формирано за локалните избори и дека пред граѓаните на парламентарните избори ќе се излезе со реално прифатливи политики како понуда со кои првенствено ќе се направи ред, правен поредок и просперитет на државата, со акцент на економски развој и владеење на правото.
“Тоа ќе биде движење со лев карактер и со централни политики по однос на националните прашања на државата. Никогаш немам кажано нешто негативно за мојата партија СДСМ, но ќе потенцирам дека луѓето кои што во моментов ја водат и менаџираат СДСМ се далеку од социјалдемократските вредности и партијата ја трансформираа во своевидна приватна фирма, или пак може да се дефинира како груевизам”, потенцира Димитриевски.
Тој истакна дека доаѓаат иницијативи од различни категории на граѓани и од различни места од земјава кои сакаат да се вклучат и да дадат придонес за развој на едно вакво движење со цел да победи оваа идеја.
“Главната наша сила ќе се црпи од граѓаните и ќе се работи за интересите на граѓаните, а во никој случај во интерес на некој политички субјект или поединец. Движењето е веќе регистрирано во Куманово како невладино, а во моментот кога ќе добиеме информација за времето на одржување на следните парламентарни избори, движењето ќе биде официјало промовирано во јавноста”, посочува Димитриевски.