Чичарито подготвен да игра за Манчестер Јунајтед без да биде платен

од Vladimir Zorba
218 прегледи

Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед, Хавиер Ернандез изјави дека е подготвен да им помогне на „црвените ѓаволи“ и да игра за нив без да биде платен. Новиот менаџер на тимот Ерик Тен Хаг има сериозни проблеми во нападот бидејќи Кристијано Роналдо сака да го напушти клубот. Антони Марсијал, кој е единствениот друг играч на таа позиција, се повреди и го пропушти првиот натпревар од сезоната, поразот на Манчестер Јунајтед од Брајтон со 2-1.

„Доколку Јунајтед ме контактира, ќе се согласам. Ќе играм без пари. Секако дека би“, изјави Чичарито, кој моментално игра за Лос Анџелес Галакси. „Но, морам да го почитувам мојот клуб. Во иднина, ако се случи нешто, ќе се случи, но сега размислувам само за ЛА“, додаде 34-годишниот напаѓач.

Мексиканецот пристигна на „Олд Трафорд“ со големи очекувања. Постигна неколку решавачки голови, но како замена никогаш не се наметна во стартната постава. Неговата кариера почна да опаѓа откако Алекс Фергусон го напушти клубот во 2013 година, а една година подоцна беше позајмен во Реал Мадрид.

„Не сум изненаден од тоа што се случи во Јунајтед бидејќи не е лесно да се замени менаџер кој е во клубот 26 години. Во моментов некои играчи не би отишле во Јунајтед бидејќи клубот не е во Лигата на шампионите. Ако некој друг ви понуди таква можност, што би избрале? Го избирате најдоброто за вашата кариера. Јунајтед моментално е во тој процес во кој беше Ливерпул кога јас бев во Англија. Значи разбирам што се случува со Роналдо. Времето ќе покаже што ќе се случи, но ако остане и постигне 40 гола? Ова може да се случи“, додаде Ернандез.