Комисијата за заразни болести (КЗБ) на денешниот состанок ја анализираше актуелната состојбата поврзана со појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.
Беше констатирано дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемилошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај.
-Се препорачува воведување мерки изолација/карантин и тоа: изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојденвно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден, стои во соопштението од КЗБ.
Претходно претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски информираше дека веќе е контактиран пациентот од Кичево за кој се проверува дали има мајмунски сипаници.
-Првичната епидемилошка анкета е завршена. Следно би требало да се изврши тестирање за кое што имаме тестови достапни во ИЈЗ и би требало да имаме дефинитивен одговор дали се работи за или не се работи за мајмунски сипаници, соопшти Петличковски.
Докторот додаде дека пациентот воопшто не е дојден на Клиниката за инфективни болести.
-Во моментов нема потреба од хоспитализација, има осип, но и други состојби одат со осипот и тоа не е доволно, не е доказ дека се работи за мајмунски сипаници, појаснува Петличковски.