Тајван го отфрла моделот „една земја, два система“ што Пекинг го претстави во својата стратегија за решавање на тајванското прашање, соопшти денеска тајванското министерство за надворешни работи.
Само тајванските граѓани можат да одлучуваат за својата иднина, изјави портпаролката на министерството Зоане Оу на прес-конференција во Тајпеј, пренесува „Ројтерс“.
Таа додаде дека Кина ја користи неодамнешната посета на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси како „изговор да создаде нова нормала за да го заплаши народот на Тајван“.
Вчера Кина објави Бела книга со наслов „Прашањето на Тајван и повторното обединување на Кина во новата ера“ во која се вели дека мирното обединување и „една земја, два система“ се основните принципи за решавање на тајванското прашање.
Пекинг, исто така, наведува дека „нема да се откаже од употребата на сила“ и дека „ја задржува можноста да ги преземе сите неопходни мерки“ за заштита од надворешно мешање и сите сепаратистички активности.