Стапката на успех во третманот на пациентите со Ковид-19 во Жан Митрев клиника изнесува 74,6%. Според деталните болнички извештаи во Жан Митрев клиника биле хоспитализирани вкупно 1738 третирани пациенти, од кои 1296 преживеале, соопшти денеска Клиниката.
Според нивната статистика од ковид починале 442 пациенти, а во приватната болница, напоменуваат, биле згрижени и пациенти дојдени од други здравствени установи.
-Оваа стапка на успех во лекувањето е повисока од националниот македонски просек според последните податоци на Институтот за јавно здравје. Според овие извештаи „процентот на успех” кај хоспитализирани пациенти исклучиво третирани и лекувани во Жан Митрев клиниката е сличен на просекот направен во 200 германски болници, каде просечното преживување изнесува 78%. Стапката на преживување според исти студии направени во повеќе земји се движи од 30 до 80 проценти, така во Велика Британија е меѓу 50-89% во зависност од бранот, во Шпанија изнесува 64,4%, во Америка е 80,3%, а во Бразил се движи меѓу 61,6-75,4%, соопштија од Клиниката Жан Митрев.
Според нив хемофилтрацијата претставува само еден дел од спектарот методи и пристапи коишто се користат за лекувањето на пациентите.
-Третманот на пациентите во Жан Митрев клиника се дефинира според тежината на болеста на прием, клиничката слика општата состојба на пациентот, дали се присутни коморбидитети, колку е критична состојбата и други клинички варијабли. Хемофилтрацијата како метод во третман на Ковид-19 има ургентно одобрување од Американската агенција за лекови (FDA) со јасно дефиниран индикационен опсег. Тоа ја прави примената на хемофилтрацијата во овој случај легитимна. Ова одобрување е еквивалентно на тоа за вакцините. При ургентно одобрување од ова највисоко авторитетно регулаторно тело, третманот не може да се смета за небезбеден, неиспитан и нетестиран, додаваат од Клиниката.
Ваквата реакција следи откако докторот Жан Митрев денеска бил повикан на распит во скопското Јавно Обвинителство.
-Митрев е повикан на распит за определени околности во врска со предмет оформен по допрен глас во ОЈО Скопје, информираат од Обвинителството.
Ваквата одлука на Обинителството следи по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“ на ИРЛ за клиниката „Жан Митрев“.