Европската унија (ЕУ) изразува „голема загриженост“ поради растот на запаливата реторика меѓу претставниците на Косово и Србија, особено оние изјави поврзани со војната и конфликтите во Западен Балкан.
Во соопштението потпишано од претставникот на ЕУ, се подвлекува дека двете страни мора веднаш да престанат со „меѓусебните непријателства и опасните изјави“ и да се однесуваат одговорно.
„Високо поставени политичари од двете страни ќе бидат одговорни за секоја ескалација што ќе доведе до зголемени тензии и, потенцијално, насилство во регионот“, се предупредува во соопштението на ЕУ објавено во неделата, 14 август.
Оваа бриселска реакција доаѓа откако премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ меѓусебно се обвинија за можно насилство на Косово.
На 11 август, претседателот Вучиќ изјави дека има информации за плановите на северот на Косово и дека косовските власти „подготвуваат ликвидација на нашиот народ на север“.
Ден подоцна, на 12 август, премиерот Курти подвлече дека Косово е посветено на мирот и стабилноста. Изјавите за можна ликвидација на Косово ги покажуваат, според Курти, какви се „мислите и имагинацијата“ на српските власти.
Лидерите на Белград и Приштина ја интензивираа својата реторика како што се наближува денот кога ќе се сретнат во рамките на бриселскиот дијалог. По повеќе од една година, Вучиќ и Курти ќе се сретнат во седиштето на ЕУ за да ги продолжат разговорите во дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Во соопштението на ЕУ се подвлекува дека сите отворени прашања ќе се решаваат преку Дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија со посредство на ЕУ. Затоа се очекува на следната средба, која е закажана за 18 август, лидерите да разговараат за сите теми и предизвици.
„Постигнувањето сеопфатен правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите во контекст на дијалогот со посредство на ЕУ бара клима погодна за враќање на довербата, помирување и добри односи, при што претходните договори се почитуваат и целосно се спроведуваат, а нема место за дејствија и изјави кои не се компатибилни со општиот интерес и стратешките цели на регионот“, се вели во соопштението на ЕУ.