Атанасов за „Шангајската листа“: За образовниот систем подеднакво се виновни сите партии, своја улога имаат и мнозинството професори

од Vladimir Zorba
386 прегледи

Додека универзитетите во регионот се борат за место меѓу првите 1.000, а некои од нив и меѓу првите 500 универзитети, ние се соочуваме со резултати кои одамна се алармантни. Годишното академско рангирање на универзитети, познато како „Шангајска листа“, ги зацврсти на врвот најдобрите високообразовни институции во светот, а на најновата листа прескокнати се сите македонски универзитети и за ниту еден од нив немаше место помеѓу најдобрите илјада.

Според проф. д-р Петар Атанасов од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ) нашиот образовен систем веќе подолго време стагнира и „веќе неколку години сме во слободен пад“.

-Сите системски делови на образованието се ослабени или се со многу слаб квалитет, од основното до високото. Во овој момент образованието не е приоритет на Владата на СДСМ, а се решаваат исклучиво политички проблеми. Парите во образованието се трошат ама на погрешен начин. Парите не стигнуваат до професорите и до научните проекти. УКИМ е единствен што барем постои на тие листи, другите и ги нема. Едноставно образованието е слика и прилика на државата: безбојно, слабо, неперспективно… Нема концентрација на квалитет во многу области, а тоа е еден од основните услови за да почнете нешто да менувате, вели во разговр за „Локално“, Атанасов.

Професорот смета дека треба многу работи да се превземат, потенцирајќи дека ако се вложи и се работи ќе имаме успех.

– Како во фудбалот, ако клубот е слаб а сака да игра во Лига на шампиони потребни се и финансии и нови менаџери и инвестиции во нови играчи и многу работа. Ако се вложи и се работи успех ќе има. Нашето образование денес е жртва и на општествениот пад во сите сегменти, особено во влијанието на неквалитетот и негативните вредности. Доаѓаа погрешни луѓе на важни позиции, но не знаеја што треба да се прави. Напротив, ја нарушија вредносната матрица а нова, подобра, тешко се гради. Со овие капацитети и луѓе не може ништо да се направи! Разочарувачки е што политиката има доминантно влијание во однос на тоа колку и како се трошат парите, смета тој.

За тоа дали обвинувањта на ВМРО-ДПМНЕ: „каква власт, такво образование“ треба целата вина да падне на сегашната власт, Атанасов децидно вели дека сите партии имале шанса да поправат нешто, но не успеале во тоа.

-Подеднакво се виновни сите партии. Сите партии што имале шанса да поправат нешто, а не успеале во тоа. Имаше многу импровизации и погрешни проекти. Своја улога имаат и мнозинството професори на универзитетот што упорно молчат и си ги чуваат столчињата во време на апсолутна финансиска, социјална, здравствена и безбедноснта криза – економски колапс на системот. Професорите на универзитетот кокетираат со политиката и со политичките партии, подвлекува тој.

На прашањето дали Ковачевски, Мицкоски како и поголем дел од политичарите кои се професори на нашите факултети би можеле во оваа ситуација да превземат нешто за да се врати довербата во образовниот систем, професорот смета дека системот не треба да зависи од поединци, „па макар биле и премиери“.

-Ниту едниот ниту другиот! Знаејќи ги нивните биографии тие не можат да направат ништо. Кај нас персонализацијата на процесите е девастирачка. Системот не треба да зависи од поединци, па макар биле и премиери, смета тој.

Б.М.

Слични содржини