НБ за извештајот на Кос: Редовно вршиме супервизија на работењето на банките и штедилниците и преземаме мерки за задржување на стабилноста на банкарскиот систем

од Vladimir Zorba
377 прегледи

Сите стандардни меѓународни показатели по кои се оценува работењето на банките упатуваат на стабилност и соодветна капитализираност. Ова го потврдуваат оценките на најрелевантни меѓународни институции, велат за „Локално“ од Народната банка (НБ), во врска со вчерашната изјава на Драго Кос, меѓународен експерт за борба против корупција и организиран криминал во која посочува дека во Македонија одредени банки иницирале и одржувале незаконски систем на финансирање на одредени клиенти, кој еволуирал до таа мера да економски ги уништи банките, приватните претпријатија и поединци за кои не реагираала Народната Банка.

Оттаму посочуваат дека Меѓународниот монетарен фонд, во својот последен извештај имa наведено дека банкарскиот систем на земјава е добро капитализиран и обезбедува „солидна потпора на стопанството за надминување на предизвиците кои ги донесе пандемијата“.

-Исто така, Народната банка, согласно со европските стандарди, на редовна основа врши супервизија на работењето на банките и штедилниците и ја оценува нивната сигурност, стабилност, како и усогласеноста на работењето на банките со Законот на банките и со други прописи кои го регулираат банкарското работење. Притоа, во рамки на своите надлежности презема соодветни мерки во насока на задржување на стабилноста на банкарскиот систем. Оваа функција, Народната банка ја извршува професионално, стручно и согласно закон, што е потврдено и во бројните извештаи на меѓународните финансиски организации и кредитни агенции. Последен ваков пример е одлуката на Европската Комисија донесена на крајот од минатата година, со која ЕК оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на Европската Унија, појаснуваат од НБ за „Локално“.

На 22 август во Скопје беше најавено дека бизнисменот и најголем акционер во Еуростандард Банка, Трифун Костовски ќе го објави независниот извештај од истрагата за стечајот на банката што ја водеше тимот предводен од Кос, еден од најеминентните европски експерти во областа.

Кос е меѓународен експерт за борба против корупција и организиран криминал повеќе од три децении. Во неговото CV се вброени функциите – поранешен претседател на GRECO, формирана од советот на ЕУ, со специјална задача борба против корупцијата во земјите членки, претседавач на работната група на „OECD“ (Организација за економска соработка и развој) за корупција во меѓународни бизниси, копретседавач со „MENA“ – Мрежа на „OECD“ за деловен интегритет, водечки експерт на „CIPE“ – Центар за меѓународни приватни компании, член на изборната комисија за избор на шеф на специјалното антикорупциско обвинителство во Украина и многу други.

Во Македонија, Кос и неговиот стручен тим, работеле на стечајот на Еуростандард банка при што откриле дека земјава има „сериозен проблем со банкарскиот систем“.

По повод објавувањето на извештајот од истрагата, Кос посочи дека за секоја земја, „кредибилноста на нејзиниот банкарски систем е од исклучителна важност затоа што тој е систем што го користат самата држава, приватниот сектор и граѓаните“.

– Сосема е природно, клиентите да очекуваат нивните банки да се придржуваат на законските прописи кои ги штитат не само банките туку и приватната сопственост на своите коминтенти, како и финансискиот интегритет и кредибилитет на земјата. За жал во Македонија, барем последните 18 години, се случуваше нешто сосема поинаку, вели тој.

Како што покажале, според експертот, „темелните и длабоки анализи на работењето на одредени банки, вклучувајќи ја и Еуростандард Банка“, банките иницирале и одржувале незаконски систем на финансирање на одредени клиенти, кој еволуирал до таа мера да економски ги уништи банките, приватните претпријатија и поединци.

– Низ таквиот систем, кој во одредени моменти опфатил дури седум комерцијални банки и повеќе десетици компании, поминале повеќе стотици милиони евра за кои не реагираа Народната Банка на Република Македонија, иако знаела за сите тие елементи, ниту Државното Обвинителство на Република Македонија, кое исто било запознаено до последен детал, ниту пак Владата на Република Македонија, па дури ни кога сите набројани биле претходно предупредени. Токму поради ова дојде време целата вистина да се обзнани пред македонската јавност, истакна Кос.

Б.М.

Слични содржини