Кинески војници ќе отпатуваат во Русија за да учествуваат на заеднички воени вежби, на кои ќе учествуваат Индија, Белорусија, Монголија, Таџикистан и други земји, соопшти денеска кинеското министерство за одбрана.
Учеството на Кина во заеднички вежби не е поврзано со актуелната меѓународна и регионална ситуација, се наведува во соопштението на Министерството, пренесе „Ројтерс“.
Минатиот месец Русија ги објави плановите за одржување на вежбите Восток (Исток) од 30 август до 5 септември, иако води војна во Украина.
Таа тогаш најави дека на вежбите ќе учествуваат и некои странски сили, без да прецизира кои.
Последните вакви вежби беа одржани во 2018 година, кога Кина учествуваше за првпат.
Кинеското министерство за одбрана соопшти дека нејзиното учество на вежбите е дел од тековниот билатерален годишен договор за соработка со Русија.
Целта е продлабочување на практичната и пријателска соработка со армиите на земјите учеснички, подобрување на нивото на стратешка соработка меѓу земјите учеснички и зајакнување на способноста за одговор на различни безбедносни закани, се наведува во соопштението.