Норвежаните собираат пари за да подигнат споменик на моржот Фреја

од Stefanija Kuzmanovska
232 прегледи

Онлајн кампања во Норвешка собра повеќе од 20.000 долари за да се изгради споменик на Фреја, симпатичниот морж кој беше еутанизиран во текот на викендот бидејќи стана безбедносна опасност за љубопитните набљудувачи.

Фреја стекна светска слава откако беше забележана како ужива на фјорд во Осло. Беше евтаназирана во неделата, откако официјални лица објавија дека животното тешко 600 килограми почнало да покажува знаци на стрес и дека е потенцијална закана за луѓето кои не ја држат препорачаната дистанца.

– Одлуката за евтаназија е донесена врз основа на целокупната проценка за опасноста по безбедноста на луѓето. Внимателно ги анализиравме сите можни решенија. Заклучивме дека не можеме на кој било можен начин да ја обезбедиме благосостојбата на животното – изјави шефот на Норвешката управа за риболов, Френк Бејк-Јенсен.

Тој додаде дека повиците луѓето да се држат настрана биле залудни.

Организаторот на онлајн кампањата за собирање пари рече дека целта е споменикот да послужи како потсетување на идните генерации за потребата од зачувување на животните.

Моржот Фреја сакаше да се качува на мали чамци, но предизвика и штета, изјавија официјални лица кои се надеваа дека Фреја сама ќе го напушти заливот и дека евтаназијата ќе биде последно средство.

Моржовите генерално не се агресивни кон луѓето, но можат да станат такви ако се чувствуваат загрозени.

Слични содржини