Бројот на продадени билети за натпреварите на Светското првенство во Катар достигна 2,45 милиони пред завршната фаза на продажба, објави ФИФА.
Ова е резултат од последната фаза од продажбата, која се одржа помеѓу 5 јули и 16 август и беше по принципот прв дојден, прв услужен. Во овој период продадени се вкупно 520.532 пропусници.
Приврзаниците од Катар, САД, Англија, Саудиска Арабија, Мексико, ОАЕ, Франција, Бразил, Аргентина и Германија се најдоа на врвот на продажните топ листи, додаде светската фудбалска централа.
За првата фаза од турнирот најголем интерес има за натпреварите Камерун – Бразил, Бразил – Србија, Португалија – Уругвај, Костарика – Германија и Австралија – Данска.
Веќе во јуни биле продадени 1,2 милиони билети, а на почетокот на јули биле 1,8 милиони. Вкупниот број на билети е 3.010.679. Повеќе од 1 милион туристи се очекуваат во Катар, чие население е 2,8 милиони жители.
Програмирана е и завршна фаза на продажба, која ќе започне на крајот на септември, објави уште ФИФА.