Маричиќ: Скринингот ја мобилизира администрацијата, преговарачката структура е во завршна фаза

од Берта Китинска
229 прегледи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во денешното интервју за „Алсат” рече дека скринингот практично претставува еден начин да се мобилизира администрацијата и дека веќе се работи на финиширање на преговарачката структура со сите потребни акти и назначувања.

– Очекувам до крајот на овој месец да ја претставам, потоа во еден интензивен период до 15 септември на сите министерства, на сите институции им објасниме точно која е нивната улога во скринингот и од 15 септември натаму да започнеме со тој процес. Ќе биде многу интензивно, секое поглавје ќе трае неколку дена, зависно од тоа колку е обемно. Важно ќе биде сите со внимание да ги следиме презентациите и да учествуваме активно во нив затоа што тоа ќе биде основа за претставување или поставување на критериумите за отворање и затворање на поглавјата понатаму, кажа Маричиќ во интервјуто.

Вицепремиерот Маричиќ го објасни дека процесот на скрининг ќе се одвива во две фази и дека кој започнува на 15 септември и по веќе дефиниран календар се очекува да трае до ноември 2023 година.

– По завршување на овој објаснувачки скрининг, следува билатералниот скрининг, каде што се вклучени не само Европската Комисија, и ние и Албанија, туку и државите членки на ЕУ, каде што сите тие ќе изнесат и свои видувања за нашата усогласеност во сите делови, во сите кластери и поглавја. Тој процес е важен за нашата администрација бидејќи треба да ни ја даде сликата до каде сме со усогласување со европското законодавство, што уште треба да направиме, но и како во пракса да се спроведат полесно и побрзо тие правила, посочи Маричиќ.

На прашањето дали отворањето и затворањето на кластерите ќе биде едноставно и кои кластери се очекува да бидат најтешки, вицепремиерот Маричиќ одговори дека секое поглавје и секој кластер има своја тежина и дека сите имаат свое значење во интеграцијата на државата во ЕУ, посочувајќи го Кластерот „Темелни вредности” како најзначаен со најголема тежина, а Кластерот „Внатрешен пазар” како најобемен, бидејќи треба практично нашиот систем да се интегрира во внатрешниот пазар на Европската Унија.

– Секако најзначаен со најголема тежина, поставена од самата нова методологија на преговори, е кластерот на Темелни вредности, кој прв се отвора, последен се затвора и останува отворен во текот на целите преговори. Меѓутоа има други кластери коишто не се помалку тешки и помалку важни, истакна Маричиќ, додавајќи дека веќе имаме добра усогласеност во голем број на кластерите.

Вицепремиерот Маричиќ посочи дека покрај на подготовките за скринингот, паралелно и непречено се работи на превод на европското законодавство и дека и оваа година очекува да се држи темпото од минатата година, кога беа преведени преку 17 илјади страници.

– Ова е важна задача, важен процес. На ова обрнуваме посебно внимание и планираме да го зајакнеме со повеќе луѓе секторот за превод тука во Секретаријатот за европски прашања, но исто така и заедно со универзитетите, факултетите и фирмите за превод, да градиме една нова генерација на преведувачи којашто ќе треба да работи во европските институции и да се занимава со превод на дневна основа, бидејќи македонскиот јазик ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ. За сето тоа да функционира потребно е да има луѓе коишто ќе работат на превод, рече вицепремиерот Маричиќ.

Слични содржини