За прв пат по долго време, автомобилите на Bentley ќе изгледаат поинаку. Новото купе Bentley Mulliner Batur го имаше своето деби во Монтереј, Калифорнија и навестува како ќе изгледаат моделите на луксузната марка во иднина.
Batur отстапува од сега веќе стариот дизајнерски јазик на Bentley на неколку начини. Поделените тркалезни фарови исчезнаа, заменети се со елегантни тројни фарови со LED дневни светла кои се протегаат до предните браници.
Новата маска ја претставува еволуцијата, а под нив се наоѓаат агресивни детали од браникот. Автомобилот се карактеризира со уникатни бандажи од 22 инчи, додека задните светла се потенки од порано.
Batur е идеја на директорот за дизајн на Bentley, Андреас Минд, кој пристигна во компанијата во 2021 година по 25 години во Volkswagen групацијата за брендовите VW и Audi. Минд е тој што го потпишува дизајнот на електричниот Audi E-Tron.
Слично на E-Tron, Mulliner Batur ќе го предводи дизајнот на Bentley додека брендот преминува кон електрични возила како дел од неговата стратегија „Beyond100“. Bentley се надева дека ќе биде целосно електричен бренд до 2030 година, но Mulliner Batur не е електричен автомобил. Го придвижува 6,0-литарски W12 твин-турбо мотор кој е тјуниран и развива 710 КС и 1.000 Nm вртежен момент. Ова е најмоќниот автомобил на Bentley во историјата и доби напредна воздушна суспензија со електричен активен anti-roll систем, електронски диференцијал со ограничено лизгање и систем за управување со четири тркала.
Внатрешноста на Batur не е драстично различна, тој е инспириран од минатогодишниот Bacalar и го задржува идентитетот на Bentley со подобрени материјали. За внатрешноста се нудат три одржливи материјали, шкотска и италијанска кожа како и вештачка Dinamica. Патосниците се направени од рециклиран материјал, а наместо јаглерод, Bentley користи композит од природни влакна за кои тврди дека се поодржлив извор.
Bentley нуди и специфични 3D печатени компоненти во 18-каратно злато.
Компанијата има намера да произведе само 18 примероци на Mulliner Batur, од кои секој ќе чини 1,65 милиони фунти. Очекувано, сите тие се веќе резервирани, а производството ќе започне во 2023 година по завршувањето на тестирањето. Истата година се очекуваат испораки на првите примероци.