Косово е конструктивна страна, подготвена и ангажирана во процесот на дијалог фокусиран на меѓусебното признавање, изјави косовската претседателка Вјоса Османи на денешната средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.
Нејзиниот кабинет соопшти дека на средбата со двајца високи дипломати, Османи го повторила својот став дека Косово никогаш не придонело за тензии и континуирано се залагало за мир и стабилност, како и за европски решенија.
Во овој контекст, таа изразила решеноста на Косово да продолжи со соработката и координацијата со своите партнери, нагласувајќи дека ангажманот на Косово „во дијалогот се заснова на заштита на суверенитетот, уставниот поредок и територијалниот интегритет на Косово, кои се недопирливи“.
Таа посочи дека Косово е изградено на принцип на мултиетничко општество каде сите имаат еднакви права, без разлика на етничката припадност.
По средбата со претседателот Османи, Ескобар и Лајчак се сретнаа и со премиерот на Косово, Аљбин Курти.