Сметките за гас повисоки за 450 отсто во Хрватска

од Берта Китинска
210 прегледи

Сметките за гас на компаниите во Хрватска се повисоки за 450 отсто.

Повеќе од 8.000 бизнисмени, јавни институции и здруженија добиваат нови договори и извештаи за долгови од загрепската Градска плинара, пренесува „Јутарњи лист“.

„ Имаме ситуација во која одредени ресторани добиваат сметки за гас од 90 или 100 илјади куни (11,9-13,3 илјади евра). Ова е секако вонредна ситуација која ќе трае во наредните шест месеци, а државата би морала да има некаков план“, рече Жаклин Троскот, сопственик на слаткарница и претставник на загрепските ресторани.

Изминативе денови голем број бизнисмени се јавија дека сметките за гас им скокнале за 450 отсто, а Градското претпријатие за гас Загреб-Снабдување (ГПЗО) им испратило нови договори во кои е наведено дека, почнувајќи од октомври, цената на нивниот гас ќе се менува секој месец, во зависност од неговата цена на пазарот.

Загрепската Плинара, заедно со договорот, на бизнисмените им испраќа и извештаи за задолженост од илјада или две илјади евра, со кои сакаат да се осигураат дека ќе им го наплатат гасот, додава весникот.

Околу осум илјади големи и мали компании имаат рок до први септември да одлучат дали се согласуваат со вакви услови, а меѓу нив има училишта, градинки, болници и бројни здруженија.

Стопанствениците велат дека е неопходна интервенција на Министерството за економија.

Здружението „Гласот на претприемачите“, кое претставува 20.000 домашни бизнисмени, наведува дека за неколку недели ги чекаат мерките што ги вети Министерството за економија, истакнувајќи дека голем број бизнисмени најавуваат затворање на нивните погони по сегашните цени на гасот.

Слични содржини