Ново предупредување од работодавачите во очекување денеска да биде прогласена енергетска криза. Оценувајќи ја како драматична ситуацијата со цените на електричната енергија стравуваат дека секој месец сметките ќе им бидат за 50 % повисоки.
Во разговор со „Локално“, дел од работодавачите стравуваат дека нема да го преживеат периодот што следи доколку Владата не донесе итни мерки и решенија.
„Зачудува фактот што како да се сакаме да се однесуваме како се да е во ред и она што го говорат работодавачите да е не реално. Сметките за електрична енергија веќе ги добивме за изминатиот месец. Цената на потрошената електрична енергија за јули е за повеќе од 50% повисока од онаа за јуни. Се поставува прашањето дали стопанствениците можат да го пресметаат овој сериозен трошок во својот производ. Уште пострашен е фактот што со ова рапидно зголемување на цената на електричната енергија,за месец август сметката ќе биде за уште толку повисока. Каде одиме? Која ни е целта на делување ако сме оставени сами на себе. Есента ќе донесе уште поголема потрошувачка на електрична енергија, што значи вредносно уште поголем трошок. Ако уште денес Владата не интервенира, стопанството ќе биде приморано со стартот на зимата да стави катанец на своите врати и да очекува посветла иднина за оваа економија“, вели за „Локално“, Владанка Трајковска од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Потенцирајки дека стопанството само се бори со сериозните закани од енергетската криза, Владата вели таа, дополнително “долева бензин на огнот” и најавува даночни реформи од 2023 година, при тоа не давајќи идеја како да се внесе сивата економија во фискалната агенда на државата.
Во континуитет гласно говориме за проблемите со кои се соочуваме, но пасивниот однос на владата не доведува да размислуваме дека сме оставени сами да го бараме излезот и да одлучуваме за иднината на компаниите. Мора да бидеме свесни дека стабилноста на темелите на една држава е стопанството, но стопанство кое е на колена не е сигурен темел за опстанок. На прагот на една светка криза, која во иднина ќе биде впишана во историјата како економска пресвртница ние имаме најава за даночни оптоварувања на стопанството. Образовниот систем ги остави работодавачите сами да се справуваат со недоволно едуциран кадар и без поседување на вештини. Изместени дефиниции за продуктивност, објаснува Трајковска.
Во таа насока според неа се и сложените процедури за поставување фотоволтаици кои треба да помогнат во навремено обезбедување на електрична енергија и намалување на трошоците.
Чекаме и молиме по шест месеци за да добиеме дозвола а потоа уште толку за да поставиме двонасочни броила. Од една страна државата не овозможува никаква финансиска помош за компаниите кои спасот за своите капацитети го гледаат во обновливите извори на енергија, а од друга страна континуирано ги успорува овие процеси. Прашањето е дали владата сериозно нема слух за инвестициските подвизи на стопанството?, прашув Трајковска.
Во обид да се амортизира тешката состојба во енергетскиот секотр Владата денеска ќе донесе уредба за прогласување кризна состојба за електрична и топлинска енергија, а истата ќе стапи на сила на 1 септемрви од кога треба да започне и примената на мерките за штедење електрична енергија.
К.В.С.