Менаџерот на Тотенхем, Антонио Конте не крие дека неговата амбиција е тимот да ја прескокне групната фаза од Лигата на шампионите и да стигне што подалеку во најпрестижното натпреварување во клупскиот фудбал.
„Мамузите“ се најдоа во групата Д, во која се и екипите на Ајнтрахт (Франкфурт), Спортинг (Лисабон) и Марсеј.
Според Италијанецот, силите во оваа група се изедначени.
„Зборуваме за најтешкото и најважното натпреварување во Европа, можеби и во светот, бидејќи на овој турнир се најдобрите селекции во светот. Нашата група е избалансирана. Секако нашата цел е да се обидеме да се пласираме во нокаут фазата. Ние добивме можност да играме на ова важно натпреварување и сакаме да уживаме во нашето учество, да играме добар фудбал и евентуално да стигнеме далеку“, рече Конте.