Министрите за надворешни работи на Европската унија имаат намера да ја поддржат суспензијата на Договорот за визно олеснување на ЕУ со Русија за да се ограничи бројот на визи издадени за Русите, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Министрите за надворешни работи на ЕУ планираат да ја донесат оваа одлука на дводневниот состанок во Прага кој започнува во вторник, пишува Фајненшл тајмс повикувајќи се на три извори кои учествувале во разговорите.
„Несоодветно е руските туристи да шетаат во нашите градови, покрај нашите пристаништа. Мораме да испратиме сигнал до руското население дека оваа војна е неприфатлива“, изјавил висок претставник на ЕУ.
Планот за суспендирање на договорот од 2007 година предвидува крај на повластениот третман за Русите кога аплицираат за сите визи за ЕУ.
„Се наоѓаме во исклучителна ситуација и за тоа се потребни исклучителни чекори. Сакаме да одиме подалеку од суспензијата на визните олеснувања“, додал европскиот функционер.
Финска, Полска и балтичките земји кои граничат со Русија соопштија дека се подготвени да ги спречат Русите да влегуваат на нивната територија со туристички визи, наведувајќи ги исклучоците за националната безбедност од Шенгенскиот договор.
„Навистина се надевам дека ќе се најде заедничко европско решение за тоа како значително да се ограничи протокот на руски туристи во Европа“, изјави литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.