Шолц: Земјите од Западен Балкан припаѓаат на ЕУ

од Vladimir Zorba
162 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Прага побара реформи во ЕУ и нагласи дека проширувањето е во интерес на Унијата.

Шолц, во говорот на Универзитетот во Прага, јасно се изјасни за проширување на ЕУ и рече дека земјите од Западен Балкан, Украина, Молдавија и во иднина Грузија припаѓаат на ЕУ.

„Тоа проширување е во интерес на ЕУ. Деновиве прашањето е каде ќе биде идната линија на поделба меѓу слободната Европа и нео-империјалната автократија“, рече тој.

Во говорот „Европа е нашата иднина“, Шолц се заложи за сеопфатни реформи на ЕУ, нагласувајќи ја потребата од мнозинско одлучување, посилна одбранбена соработка и казни за кршење на владеењето на правото, се со цел да се подготви за прием на нови членови.

Германскиот канцелар смета дека ЕУ треба да носи одлуки за надворешната и даночната политика врз основа на мнозинство гласови.

Тој се залагаше за посилна улога на Европскиот парламент.

Кога станува збор за конфликти во однос на владеењето на правото со Полска и Унгарија, Шолц посочи дека ЕУ не смее да прави компромиси со своите столбови.

„Сметам дека е целисходно постојано да се поврзуваат плаќањата со почитувањето на законските стандарди“, објасни тој.

Шолц рече дека е потребна посилна соработка во одбраната, барајќи функционален штаб на ЕУ.

Тој рече дека сака да изгради нов систем за противвоздушна одбрана со своите европски соседи.

„Заедничкиот систем би бил корисен за безбедноста на цела Европа“, рече тој.

Тој нагласи дека Германија сака да продолжи да и помага на Украина, пред се во воздушната одбрана и артилерија, и рече дека е ветен нов пакет оружје во вредност од 600 милиони евра.

„Потребна е постојана и сигурна поддршка за украинската армија. Можам да замислам Германија да преземе одговорност за изградбата на украинската артилерија и особено против воздушната одбрана“, рече Шолц.

Канцеларот оцени дека Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат сите предуслови да станат членки на Шенгенскиот договор.

„Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат сите технички услови за полноправно членство. Ќе работам на тоа тие да станат полноправни членки. Шенген е едно од најголемите достигнувања на ЕУ и треба да се заштити и развива“, рече тој.

Слични содржини