Петровска: Целосно интегрираниот Западен Балкан ќе ја направи Европа посилна

од Vladimir Zorba
127 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Охрид се обрати на Безбедносниот Форум на алумни на Маршал центарот, кој по 10. јубилеен пат се одржа во Охрид.

Петровска потенцираше дека Република Северна Македонија иако е „најмладата” членка на НАТО, докажа дека може да биде модел кој активно придонесува за стабилноста и безбедноста во регионот.

Осврнувајќи се на војната во Украина, министерката истакна дека оваа војна влијае по безбедноста на Европа, вклучително и на Западен Балкан каде се уште има отворени прашања кои може да ја нарушат безбедноста и стабилноста. Дополнително, големо влијание на тоа имаат зголемените малигни странски мешања, хибридните предизвици, сајбер нападите и кампањите за манипулација со информации.

„Потребно е и продолжување на блиската соработка на НАТО и ЕУ, и уште поактивен ангажман во регионот. И НАТО и ЕУ, сојузниците и земјите-членки, треба да најдат иновативен начин за да помогнат во затворањето на преостанатите отворени прашања меѓу земјите во овој дел на Европа. Сега, повеќе од кога било, евроатлантската и ЕУ интеграцијата на регионот треба да се гледа како алатка за подобрување на безбедноста и консолидирање на стабилноста на овој дел од Европа и пошироко. Целосно интегрираниот Западен Балкан ќе ја направи Европа посилна”, потенцираше Петровска.

На маргините на денешното затворање на Форумот, министерката Петровска оствари средба со Директорот на европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал”, пензионираниот генерал Баре Сегуин, на која беше потенцирана важноста на интегрирање на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со цел зајакнување на стабилноста на Европа, но и заедничко спротивставување на безбедносните предизвици кои во моментов најчесто се последица на дезинформациите, хибридните закани и сајбер нападите од страна на трети земји.

Безбедносниот форум е спонзориран од Алумни програмите на Европскиот центар за безбедносни студии „George C. Marshall”, Алумни асоцијацијата на Маршал центарот на Северна Македонија и НАТО – Одделот за јавна дипломатија, чија цел е размена на искуства и идеи за зголемена безбедност и сигурност на регионот и пошироко.

Слични содржини