МААЕ пристигна во Киев, од утре почнува инспекцијата на нуклеарната централа Запорожје

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Тим од експерти за нуклеарен мониторинг на ОН пристигна во Киев и од утре ќе започне со мониторинг на нуклеарната централа Запорожје на југот на Украина, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, објави дека тим од експерти, кој тој лично го предводи, пристигнал во Киев во понеделникот вечерта, на пат кон нуклеарната централа Запорожје на југот на Украина, каде што се планира да се изврши проверка од среда до сабота, пренесе „Гардијан“.

Мораме да ја заштитиме безбедноста на Украина и најголемиот нуклеарен капацитет во Европа“, напиша Гроси на Твитер.

МААЕ соопшти дека Гроси и тим од експерти и инспектори започнале мисија за поддршка и помош во Запорожје за да помогнат во обезбедувањето нуклеарна безбедност во украинската електрана под руска контрола и да преземат витални заштитни мерки.

Кремљ соопшти дека мисијата на МААЕ е неопходна, но ја отфрли можноста за напуштање на локацијата, пишува „Гардијан“.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека Украина очекува делегацијата на МААЕ „да ги презентира фактите“ во врска со кршењето на сите протоколи за нуклеарна безбедност, додавајќи дека Русија „не само Украина, туку и целиот свет ја става на ризик од нуклеарна несреќа“, наведува британскиот медиум.

Слични содржини