Со поетско читање во „Даутпашиниот амам“ официјално се затворија „Струшките вечери на поезијата“

од Берта Китинска
165 прегледи

Осумнаесет поети од странство, гости на годинешното издание на „Струшките вечери на поезијата“, синоќа има поетско читање во „Даутпашиниот амам“. Со тоа и официјално заврши 61-то издание на меѓународниот поетски фестивал.

Читањето започна со аудиозапис со гласот на годинешниот добитник на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не присуствува на фестивалот. Таникава ја изведе песната „Да посадиш дрво“, англискиот препев го прочита јапонскиот поет Јасухиро Јоцумото, а македонскиот препев го прочита Зоран Анчевски, кој воедно е препејувач на оваа песна. Анчевски е препејувач и на целокупниот избор песни на Таникава, застапени во објавената Монографија посветена на лауреатот на „Златниот венец“.

Песната, пак, на поетот Ценд Ајуш Бујанзаја, кој не е присутен на фестивалот, ја прочита почесниот конзул на Монголија, Литов Намдагјанчивин.

Годинава специјален гостин на фестивалот беше лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на „Струшките вечери на поезијата“ годинава му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“.

Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и „Струшките вечери на поезијата“ го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

Во рамки на фестивалот имаше и меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, а објавена беше и тематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја приреди македонскиот поет, раскажувач, есеист, теоретичар и преведувач Владимир Мартиновски.

Годинава „Струшките вечери на поезијата“ се одржуваа под мотото „Ритамот на стихот, ритамот на животот“.

Слични содржини