Искористете ги последните моменти од сезоната на тиквички и подгответе вкусно рижото со овие зелени плодови. За да го подготвите овој вкусен ручек ќе ви треба помалку од половина час.
Тиквичките бараат многу кратка термичка обработка, па најдобро е да ги пржите на почетокот на подготовката, да ги тргнете на страна и да ги измешате кога ќе биде готово рижото.
Состојки:
1.250 мл супа од зеленчук или пилешко
320 гр ориз
80 мл масло
65 мл суво бело вино
30 гр рендан пармезан
3 супени лажици путер
2 тиквички
1-2 чешниња лук
сол и бибер по желба
Подготовка:
Во голема тава загрејте две лажици масло. Додадете ги сечканите тиквички и пржете две до три минути додека не поруменат. Оставете ги тиквичките на страна.
Во тавата ставете го ситно сечканиот лук и динстајте околу половина минута, па извадете го и ставете го на страна заедно со тиквичките.
Загрејте ја супата во посебен сад.
Во тавата ставете го остатокот од маслото и загрејте го на силен оган. Додадете го оризот, измешајте и оставете да се крчка околу една минута.
Истурете го виното врз оризот и мешајте на тивок оган минута или две.
Кога виното ќе испари, намалете ја температурата на ниско и додадете една третина од подготвената супа. Промешајте.
Кога оризот ќе ја „испие“ целата супа, додадете уште една третина. Промешајте. Постапката повторете ја додека не се потроши целата супа и оризот не стане „ал денте“. За ова ќе ви требаат околу 20 минути готвење.
Оризот тргнете го од оган и додадете ги путерот, ренданиот пармезан, пржените тиквички и лукот. Додадете сол и бибер по вкус.
Измешајте и послужете веднаш со сезонска салата по избор.
На здравје!