Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз, почина на 92-годишна возраст по долго боледување. Горбачов ќе остане запаметен како претседател на СССР кој ја заврши Студената војна без крвопролевање, но не успеа да го спречи распадот на Советскиот Сојуз
Информации за смртта на Горбачов објавија руските државни медиуми РИА и ТАСС, повикувајќи се на болнички извори. „Михаил Сергеевич Горбачов почина вечерва по долго и тешко боледување“, соопштија од Московската централна клиничка болница.
Горбачов во последните години повремено се појавуваше во светските медиуми и коментираше за состојбите во светот. На почетокот на 2017 година, тој напиша статија за американскиот „Тајм“, во која предупредува на растечките тензии и опасноста од војна ширум светот.
„Денешниот свет е полн со проблеми, а оние кои носат одлуки и поставуваат политики изгледаат збунети и изгубени. Но, ниеден проблем не е поважен денес од милитаризацијата на политиката и новата трка во вооружување. Запирањето на таа опасна трка мора да биде наш прв приоритет“, го започнува својот текст Горбачов од почетокот на 2017 година.
„Се наоѓаме во опасна ситуација. Во Европа има се повеќе војници, тенкови и оклопни возила. Руските и НАТО силите кои некогаш се гледаа од далечина сега се распоредени многу блиску една до друга. И додека државите бараат средства во нивните буџети за да им обезбедат на луѓето основни потреби, се повеќе се трошат пари за војската. Лесно се наоѓаат пари за софистицирано оружје чија деструктивна моќ е споредлива со онаа на оружјето за масовно уништување; за подморници, чија една салва може да избрише цели континенти, исто како и за одбранбените ракетни системи кои ја поткопуваат стратешката стабилност“, пишува Горбачов.
„Политичарите и воените функционери звучат сè пострашно, а одбранбените доктрини се сè поопасни. На таков дискурс се приклучуваат коментатори и ТВ-личности. Сето ова изгледа како светот да се подготвува за војна“, предупреди поранешниот претседател на СССР.
„Нуклеарната закана денес повторно изгледа реална. Односите меѓу големите сили се влошуваат како што одминуваат годините, а поборниците за оружје и воено-индустрискиот комплекс задоволно ги тријат рацете. Преовладува ставот дека дијалогот мора да се заснова на борба против тероризмот. Ова е навистина важна и итна задача, но не е доволна за нормален однос и можно партнерство меѓу државите“, пишува Горбачов.
На крајот од текстот, Горбачов потсетува на зборовите на поранешниот американски претседател Френклин Делано Рузвелт, кој рече дека слободата од стравот е една од главните слободи. „Денес товарот на стравот го чувствуваат милиони луѓе, а главни причини за тоа се милитаризмот, воените конфликти, трката во вооружување и нуклеарниот Дамоклов меч. Решавањето на тој страв значи ослободување на луѓето. Ова треба да стане наша главна цел, по што многу други проблеми полесно ќе се решаваат. Времето за одлука е сега“, напиша тогаш Горбачов.