Суецкиот канал повторно накратко блокиран

од Vladimir Zorba
279 прегледи

Суецкиот канал синоќа беше повторно блокиран, кога танкер под знамето на Сингапур се насука поради дефект на кормилото.

Танкерот Affinity V, долг 250 метри, пловел кон Саудиска Арабија кога се насукал во близина на местото во тесниот јужен дел на каналот каде што заглави контејнерскиот брод Ever Given во 2021 година, предизвикувајќи еднонеделен прекин на сообраќајот, пишува „Гардијан“.

Како што соопштија од управата на Суецкиот канал, овој пат успеале да го вратат бродот во колосек за пет часа.

Бродот пловел од Португалија до саудиското пристаниште Џанба на брегот на Црвеното Море.

Контејнерскиот брод „Ever Given“, кој пловел под знамето на Панама од Кина до Ротердам, предизвика блокада на Суецкиот канал на 23 март 2021 година, која траеше шест дена.

Застојот доведе до нарушувања на светските пазари, имајќи предвид дека околу 12 отсто од светската трговија се одвива преку Суецкиот канал, кој е најбрзата рута меѓу Азија и Европа.

Слични содржини