Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ја посети руската ексклава Калининград, сместена меѓу две членки на НАТО, во услови на тензии меѓу Москва и западните земји поради руската агресија врз Украина.
Путин ја започна својата посета со средба со ученици на денот на почетокот на учебната година, при што одговараше на многу живописни прашања од областа на економијата, од вселенската програма до офанзивата на Москва против Украина, а настанот беше емитуван во живо на руска телевизија.
„Нашата мисија и мисијата на нашите војници (…) е да ја запреме војната на Киев против Донбас и да ги заштитиме луѓето и, се разбира, да ја браниме самата Русија“, рече Путин.
Рускиот претседател, исто така, тврди дека жителите на Донбас, област во која живеат голем број луѓе што зборуваат руски, „се сметаат себеси за дел од културниот и јазичниот простор на Русија“.
Пристигнувањето на Путин во Калининград се случи во време на голема тензија поради руската ексклава на Балтичкото Море, сместена меѓу Полска и Литванија, две членки на НАТО, за време на војната меѓу Русија и Украина.
Во јуни, Литванија престана да го одобрува транзитот на стоки во Калининград бидејќи применува санкции наметнати од Европската унија кон Москва поради нејзината агресија врз Украина.
Москва протестираше против одлуката и упати закани, поради што Европската унија го повика Вилнус да одобри транзит на руска стока со железница до Калининград, но со забрана за транспорт на воени материјали.