Во четвртокот Финска го намали бројот на издадени визи на руски државјани на една десетина од редовниот број. Овој потег се смета за демонстрација на солидарност со Украина.
Финска, која ја дели најдолгата граница со Русија од која било земја членка на Европската унија, ја објави одлуката во август по зголемениот притисок од политичарите и обичните граѓани да го ограничи движењето на руските туристи низ нордиската земја додека Москва ја продолжува војната во Украина.
„Важно е да се покаже дека, кога Украинците страдаат, туризмот не треба да функционира нормално“, рече финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто за време на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската унија во Прага.
Од 1 септември Финска ќе им дозволи на Русите да аплицираат за туристички визи само еднаш неделно во четири руски градови: Москва, Санкт Петербург, Мурманск и Петрозаводск во близина на финската граница.
Хависто рече дека е особено загрижен за „некаков вид руска туристичка рута“ што подразбира дека дел од Русите летаат до други европски земји преку аеродромот во Хелсинки, со што ги заобиколуваат забраните за летови воведени по руската инвазија на Украина.
Паралелно, финското Министерство за надворешни работи објави дека Владата во моментов ја истражува можноста да им помогне на руските бранители на човекови права, членови на граѓанското општество и новинари кои се критичари на Кремљ, преку воспоставување нови видови хуманитарни визи за пристап до Финска.
На состанокот во Прага оваа недела, министрите за надворешни работи на ЕУ одлучија да ги заострат правилата за патување на Русите во 27-члениот блок, но не успеаја да постигнат консензус за целосна забрана на туристичките визи.
Москва ја оцени одлуката на ЕУ за укинување на поедноставениот визен режим за руските туристи како апсурдна и лоша вест за руските граѓани.