Група незадоволни сопственици на Tesla во Норвешка, наводно, започнале штрајк со глад со цел да се пожалат на проблемите што ги имаат со нивните возила и со надеж дека ќе бидат забележани од сопственикот на Tesla, Елон Маск.
Сопствениците на автомобилите на Tesla наведоа 29 проблеми кои ги мачат, но конкретно не објавија за кои модели се однесуваат. Групата која го започна штрајкот со глад, меѓу другото, како најголеми проблеми со возилата ги посочи лошата изработка, седиштата и неможноста да го стартуваат автомобилот на ладно време.
Учесниците на овој штрајк се незадоволни и од услугата на клиентите, а пријавиле и долго чекање за разговор со претставник на Tesla.
„Веруваме дека Елон Маск е свесен за нашите проблеми и дека ќе ја реши оваа ситуација. Ве молиме помогнете ни да го привлечеме неговото внимание“, се вели на веб-страницата на незадоволните сопственици на Tesla.
Маск не сакаше директно да одговори на овие наводи, но во негов саркастичен стил објави твит кој има слична конотација.
Најбогатиот човек на светот објави дека по препорака на пријател почнал периодично да пости и дека поради тоа се чувствува многу поздраво. Времето на објавувањето се совпадна со приказна од Норвешка која потоа стана вирална на социјалните мрежи, па веројатноста дека се работи за случајност е многу мала.
Норвешка е земјата каде што се продаваат најмногу електрични автомобили по глава на жител, а со тоа и Tesla. Дури 65 отсто од новите автомобили продадени во Норвешка минатата година биле електрични, а Tesla е најпопуларниот бренд меѓу возачите во оваа скандинавска земја.