Владата на Србија треба веднаш да ја отповика својата одлука за забрана на настани за време на Европрајд закажан за септември 2022 година, соопшти вчера меѓународната организација Хјуман рајтс воч (ХРВ).
„Наместо тоа, властите треба да работат со организаторите за да обезбедат соодветна безбедност за учесниците“, велат оттаму.
Потсетуваат дека претседателот Александар Вучиќ на 27 август објави дека Владата на Србија го откажува Европрајд, признавајќи дека потегот е „кршење на правата на малцинствата“, но својата одлука ја оправда со закани од десничарски групи за нарушување на настанот, како и со зголемувањето на граничните тензии со Косово.
ХРВ додава дека премиерката Ана Брнабиќ, првата жена лезбејка на таа функција, го поддржала откажувањето на Еуропрајд, велејќи дека „првата неспорна работа е да се обезбеди мир и стабилност во земјата“.
„Оправдувањето на српските власти за откажување на Европрајд 2022 е неверојатно слично на аргументите на Русија за забрана на ЛГБТ маршевите со образложение дека тие може да доведат до насилни судири со контра-демонстрантите“, смета ХРВ и потсетува дека Европскиот суд за човекови права го отфрли тој аргумент во случајот Алексеев против Русија во 2010 година како повреда на правото на мирно собирање.
Оваа меѓународна организација посочува дека српските власти треба веднаш да ја исполнат својата должност и да се погрижат полицијата да ги заштити мирните демонстранти кои го користат своето право на слобода на собирање наместо да им забранува да демонстрираат.
„Врз основа на судската пракса за човекови права во врска со Парадата на гордоста, органите на редот треба да запомнат дека се таму за да ги заштитат оние што учествуваат на настанот“, велат од ХРВ.