Денеска се искажани невистини по однос на моето работење, односно толерирање кон управителот на Терминал ДООЕЛ , Мартин Ачкоски. Истиот е разрешен од управител на 31.08. 2022 година, на седница на Управниот oдбор. Не се точни тврдењата дека јас како директор на ,, Комуналец’’ , сум дозволил работа од далечина, односно веднаш од кога дознавме за моменталното работење и функционирање на Терминалот, го повикав претсдателот на Управниот одбор да свика седница, вака директорот на „Комуналец – Прилеп“, Рубинчо Абрашоски ги коментираше денешните ставови на СДСМ Прилеп, искажани на прес-конференција.
Тој додава дека како директор на прилепскиот „Комуналец“ нема ингеренции да се меша во финасиско – техничката работа на доелот, но има обврска како прв човек на да го заштити имотот на претпријатието.
-Можеме слободно да се сомневаме дека Мартин Ачкоски, е донесен кадар од СДСМ да конкурира на објавениот оглас, каде беше и единствен кандидат, за потоа да си замине да работи во Хрватска. Искрено, не чувствувам никаква одговорност за неговото несовесно и некоректно однесување кон вработените , но и кон мене, затоа и истиот беше разрешен, вели Абрашоски.
Директорот демантира дека се правени некави исплати и договори, затоа што „Комуналец и Терминалот имаат врзани потписи, и не може без моја согласност да се изврши никаква трансакција, ниту да се склучи и потпише Договор“.
-Уште еднаш да потенцирам, Ачкоски беше единствен кандидат на конкурсот, како предлог на сите вработени од Терминалот, кои пак, донесоја петиција и која беше разгледувана пред Управниот одбор, со молба Ачкоски да биде избран за управител, се вели во реакцијата на Абашоски.
Од СДСМ-Прилеп денеска објавија дека скандалот кој го имаат разоткриен спаѓа во рубриката „верувале или не“.
-Ќе повторам уште еднаш: Мартин Ачкоски, управител на „Терминал – Комуналец“ ДООЕЛ Прилеп, зел неплатен одмор и заминал да работи како келнер во Хрватска!Да не беше жално, ќе беше смешно!Тешко е да се преброи колку пати управителот на „Терминал – Комуналец“ го прекршил законот, уште потешко да се каже која е најголемата глупост која притоа ја направиле заедно со директорот Рубин Абрашоски, изјавија меѓу другото од локалната општинска организација на СДСМ.