Американскиот претседател Џо Бајден побара од Конгресот финансиска поддршка од 11,7 милијарди долари за Украина, додека во таа земја продолжуваат жестоките борби, јавуваат АП и Ројтерс.
Тие средства би биле наменети за набавка на опрема, разузнавање и директна буџетска поддршка за Украина.
Барањето на американскиот претседател е дел од поголем кризен пакет во вкупна вредност од 47,1 милијарди долари и доаѓа во време кога САД се борат со кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и мајмунските сипаници, како и со последиците од неодамнешните природни катастрофи кои погодија одредени држави на југ, пренесува Радио Слободна Европа.
Новото финансирање за поддршка на Украина ќе биде дополнително на 40 милијарди долари што САД ги одобри на почетокот на оваа година.
Барањето на американскиот претседател до Конгресот вклучува и 2 милијарди долари за решавање на влијанието на војната во Украина врз снабдувањето со енергија на САД.
Во исто време, како што јави АФП, САД вчера објавија пакет оружје за Тајван во вредност од 1,1 милијарди долари за да помогнат во одбраната на островот во услови на тензии со Пекинг.
Најавата за дополнителна помош доаѓа еден месец по посетата на претседателката на американскиот Претставнички дом Ненси Пелоси на Тајван. Тоа предизвика остри реакции кај кинеските власти, кои посетата на Пелоси ја оценија како мешање во внатрешните работи на Кина.