Пречки, стативи и ВАР: Нула на „Мерсисајд“ дербито

од Nikola Popovski
172 прегледи

Немаше голови на воведниот натпревар од шестото коло во Премиер лигата, големото Ливерпулско дерби помеѓу Евертон и Ливерпул.

Овој пат не беше можно избраниците на Јирген Клоп да победат во последните секунди од мечот, како против Њукасл пред неколку дена. Сепак, кога ќе се погледне се, не може да бидат незадоволни од ремито, затоа што лесно можеа да победат и „Карамелите“.

Иако немаше голови, имаше возбуда. Евертон покажа дека е во подем на формата, преку новите засилувања. Првата голема шанса ја имаше домашниот тим. По еден карамбол во шеснаесетникот на Ливерпул, Дејвис одлично ја „шутна“ топката, Алисон беше закопан, но сепак таа заврши во стативата.

Се тресеше рамката од голот и на другата страна и тоа на крајот од првиот дел. Најпрвин Луис Диjаз ја погоди стативата во 43. минута, а практично во следниот напад Дарвин Нуњез ја погоди гредата.

Во вториот дел сепак беше постигнат гол. Во 69. минута Нил Мопеј изведе одлично корнер, Конор Коди ја затресе мрежата. Сепак, ВАР-проверката покажа дека неодамнешниот дефанзивец на „Волците“ беше минимално во офсајд.

Финишот на натпреварот им припадна на гостите. Најпрвин во 87. минута Фирмино во ситуација еден на еден пропушти шанса да го совлада Пикфорд, а потоа во шестата минута од судиското надополнување, Мохамед Салах беше на само милиметри од тоа повторно да стане херој.

На крајот само бод за Ливерпул кој продолжи да се расфрла бодови во овој дел од сезоната.

Слични содржини