До 25 септември може да очекуваме предлог на новиот состав на владата, изјави градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, потсетувајќи дека главниот рок за избори е 13 октомври.
Милош Вучевиќ за ТВ Прва изјави дека енергијата кај новите министри е многу поважна од составот.
„Поважно е дали новата Влада ќе ја води Србија низ „лавиринтот“ што нè очекува“, рече Вучевиќ и додаде дека смета оти до сега недостигала „синхронизација меѓу министрите“.
Тој наведува и дека поважна од составот на владата е политиката што ќе ја спроведува.
„Очекувам дека ќе добиеме добра просрпска влада која ќе ги штити српските интереси“, рече Вучевиќ.
Градоначалникот на Нови Сад очекува и малцинските партии да бидат повеќе вклучени во владата.
На прашањето дали има шпекулации дека ќе стане министер за правда или за внатрешни работи, Вучевиќ вели дека овие шпекулации „не се на добар пат“.
Кога станува збор за конгресот на Српската напредна странка, Вучевиќ вели дека тој ќе се одржи до крајот на годинава, а на прашањето дали ќе го замени Александар Вучиќ на чело на СНС, Вучевиќ вели дека не се гледа себеси како замена на Вучиќ.
„Себеси се гледам како член на тимот. Ќе побарам Вучиќ да остане на чело на партијата, тоа е негова морална обврска“, додаде Вучевиќ.