С. Македонија ќе биде домаќин на најголемата конференција за комуникатори на НАТО-алијансата

од Nikola Popovski
182 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска информира дека од утре С. Македонија ќе биде домаќин на најголемата конференција за комуникатори на НАТО-алијансата.

-Чест ни е што после само две години членки на Алијансата, нам ни е доверена оваа голема одговорност и е од исклучителна важност да дадеме свој придонес во доменот на стратегиските комуникации. Ќе има над 300 учесници од земјите-членки на НАТО и партнерите. Ќе биде отворена интелектуална, политичка и стратегиска дебата, од која треба да произлезат идеи и решенија за отворените прашања од областа на стратегиските прашања.

Една од темите на разговор на конференцијата ќе биде за информациските активности за време на руската агресија во Украина.

-На различни локации во Скопје ќе се дебатираат различни теми, ќе се нудат решенија, ќе се вкрстуваат ставови. Нашата држава направи голем исчекор напред во однос на транспарентноста и јавноста. МО е најтранспарентната институција во државата во последните 3 години, кажа Петровска во обраќањето.

Директорот за комуникации во Сојузничката команда за трансформација, Џеј Џанзен истакна дека станува збор за конференција на која што има претставници од 30 земји членки, сојузници, кои што тука во Скопје, во Република Северна Македонија, како најмлада земја сојузник, ќе го демонстрираат единството на земјите членки на НАТО.

„Фактот дека овие 300 претставници на земјите членки и земји партнери се присутни тука во Скопје, за време на оваа конференција, ја покажува кохезијата на воената Алијанса во однос на начинот на кој ние учиме за себе и ја почитуваме нашата разноликост. Во исто време комуникациите се користат и против нас и заедно треба да дискутираме, соработуваме, учиме и споделуваме, зашто кога сме здружени можеме да ги надминеме овие предизвици, да ги обезличиме и да ги истакнеме работите кои што се важни за нас како Алијанса. Преку нашето присуство тука покажуваме дека заедно сме посилни“, рече Џанзен.

На Конференција ќе се разговара за информациските активности за време на руската инвазија на Украина, соработката со партнерите во оваа област, новиот Стратешки концепт на Алијансата и дигиталните комуникации.

На отворањето на Конференцијата освен министерката Петровска, ќе се обратат и премиерот Димитар Ковачевски, како и помошничката на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Баиба Браже, а со видео обраќања ќе се обратат и командантите на двете НАТО Команди: генералот Кристофер Каволи, командант на Командата за операции и генералот Филип Лавињ, командантот на Командата за трансформација.

Слични содржини