Австралиецот Ник Кирјос го победи првиот носител и бранител на титулата на УС Опен Данил Медведев – 7:6 (13-11), 3:6, 6:3, 6:2 во четвртото коло од последниот календарски Гренд слем сезонава.
Русинот поради прерана елиминација ќе остане без првото место на АТП листата.
Контроверзниот Ник ја постигна четвртата победа од петте меѓусебни дуели со Медведев, па за полуфинале ќе се бори со Карен Хачанов, кој беше подобар од Пабло Карењо Буста – 4:6, 6:3, 6:1, 3: 6, 6:3.
Кирјос е врвен тенисер и во тоа нема сомнеж, но (пре)често неговата „луда глава“ го спречува да го покаже сиот потенцијал што го поседува. Сепак, се чини дека во поседно време ја „наместил главата“, а тоа го потврдува и неговата рутинска победа над носителот број еден во Њујорк.
Натпреварот го одбележа и инцидент. Рускиот тенисер се закани, пред почетокот на вториот сет, дека ќе го напушти теренот поради однесувањето на луѓето во ложата на австралискиот тенисер!
– Тие не можат да го направат тоа. Ако го направат тоа по втор пат, нема да играм додека некој не излезе. Само ти кажав дека нема да играм ако тоа го направат по втор пат, бидејќи тоа не можат да го прават на мој сервис – рече Медведев, а потоа рече дека ќе го напушти натпреварот:
– Тие се во ложата на професионален тенисер. Ако пак го направат тоа на мој сервис, нема да играм повеќе!
Сепак, не е јасно што го изнервирало Русинот, кој во расправија со судијата остана без маица. Од друга страна, покрај таткото на Кирјос и девојката Костин Хачи, како и вообичаените пријатели кои патуваат со него, меѓу новите лица во ложата беше само Танаси Кокинакис, кого Ник го исфрли во 1. коло на УС Опен.