Американскиот тенисер Френсис Тиафо изненадувачки го совлада Рафаел Надал на УС Опен со 6:4, 4:6, 6:4, 6:3 во осминафиналето. Мечот траеше 3 и пол часа, а Американецот го затвори на својата втора меч топка.
Притоа, тој го ускрати вториот носител во турнирскиот поредок да се врати како број 1 на светската ранг-листа.
За тоа на Рафа му требаше само четвртфинале, доколку Каспер Руд и Карлос Алкараз не успеаја да стигнат до финалето или да го освојат турнирот.
Така, за прв пат во годината, Рафаел Надал, кој бркаше рекордна 23. Гренд слем титула, беше поразен на голем турнир. Испадна и пред полуфиналето на Вимблдон, но таму се повлече поради скинат стомачен мускул.
„Не знам ни што да кажам во моментов. Пресреќен сум, речиси сум во солзи“, изјави Тиафо по натпреварот.
„Не можам да верувам. Тој е дефинитивно еден од најдобрите на сите времиња. Играв неверојатен тенис, но не знам како се случи“, додаде тој.
Во исто време, Надал сервираше лошо и немаше добри ретурни – нешто сосема некарактеристично за него. Шпанецот направи 9 двојни грешки додека упати само 33 победнички удари наспроти 48 на Американецот.
Со успехот, Тиафо ја прекина и серијата на Надал од 17 последователни Гренд слем турнири на кои стигнал најмалку до четвртфиналето.
Френсис Тиафо во четвртфиналето ќе игра против Русинот Алексеј Рубљев, кој оствари чиста победа против Британецот Камерон Нори.