Ние 2017 година го критикувавме Договорот за добрососедство. Исто и дел од јавноста не беше свесна. Сега штетните последици стапуваат на сила и ќе продолжат во иднина. Јавноста е зрела за овој договор да биде ставен на тест и истиот да биде прекинат, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер, Антонио Милошоски околу одлуката за обирање потписи за задолжителен референдум за поништување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка.
Милошоски појаснува дека според Законот за референдум, пишува дека тема на референдумско појаснување може да биде одредена тема во надлежност на Собранието.
-Затоа сметаме дека таа треба да биде темата. По однос на предлог-рамката за преговори, тоа е надлежност на Владата. Договорот со Бугарија е изворот со штетните последици. Нас не ни е виновна Германија или Франција за предлогот. Основата во штетните клаузули е Договорот со Бугарија, рече Милошоски во вестите на Тв Сител.
Тој вели партијата нема проблем да поддржи рамноправен договор со Бугарија.
-Успешен референдум ќе значи раскинување на Договорот со Бугарија. Тоа е можно во секој момент и тоа ќе значи сигнал кон Бугарија дека ваков однос на уцена и закана не прифаќаме и дека ние како нација изградиме позиција и го отфрлиме Договорот, ќе не третираат посериозно и ќе имаме посолиден договор. Не сметам дека ЕУ ќе ја исклучи Македонија од преговорите. Со ваков договор, Македонија има поголем ризик да талка во лавиринтите на ЕУ. Зтоа сметам дека овој Договор не ги отвора перспективите, туку ја враќаат земјата кон минатото, истакна Милошоски и додаде:
-Каков и да биде исходот од референдумот, ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени. Ние сметаме дека Уставот во моментов не треба да се отвора, бидејќи ќе отвори уште поголеми политички проблеми. Ако помине референдумот, ќе изградиме подобри односи со Бугарија.