Русија е принудена да купува воена опрема од Северна Кореја бидејќи санкциите ја намалуваат способноста на Москва да ја снабдува својата војска, велат американски извори.
Анонимен американски функционер откри дека Москва е во процес на купување на милиони ракети и артилериски гранати од Пјонгјанг, кои има намера да ги користи во Украина, јавува Би-Би-Си.
Тој исто така рече дека Русија може да биде принудена да купи дополнително севернокорејско оружје бидејќи војната трае долго време.
Купувањето од Северна Кореја е знак за „сериозен недостиг на снабдување“, додаде тој, а разузнавачките податоци првпат беа објавени од „Њујорк тајмс“.
Украинското Министерство за одбрана објави одговор на извештајот на Твитер, велејќи дека купувањето покажало дека „советското оружје го исцрпило својот потенцијал“.
Во објавата се вели дека додека Украина се движи кон стандардите на НАТО, Русија оди во насока на стандардите на Северна Кореја, било да се тоа „оружје, политика или животни стандарди“.
Минатата недела, претставници на администрацијата на Бајден изјавија за американските медиуми дека првите пратки на беспилотни летала од Иран се испорачани во Русија.
Американските разузнавачи веруваат дека руските оператори отпатувале во Иран за да добијат обука за оружјата од сериите Мохаџер-6 и Шахед.
Иран официјално негираше дека испорачува оружје на која било страна од конфликтот, но во јули американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Техеран планира да и достави на Москва со потенцијално стотици дронови за нејзината војна во Украина, од кои некои имаат борбени способности.