Вечерва почина поранешниот градоначалник на општина Бутел, Петре Латиновски.
Ваквата информација прв ја објави актуелниот градоначалник на општината, Дарко Костовски.
-Петре Латиновски е првиот градоначалник на Општина Бутел кој дванаесет години во три последователни мандати ја добиваше довербата од граѓаните. Беше домаќин и работлив човек кој низ дванаесет години како градоначалник остави многу капитални проекти за Општината. Или како што милуваше да рече „Јас работев под земја, на атмосферска и фекална канализација“, објави Костовски.
Костовски додава дека за време на третиот мандат на Латиновски бил советник во Општина Бутел.
-Понекогаш имавме различни ставови но сепак научив корисни примери за работењето и ефикасното функционирање на општината. Почивај во мир, изрази сочувство Костовски во својата објава.
По повод смррта на Латиновски, се огласи и поранешниот градоначалник на Аеромдом, Ивица Коневски.
-Со огромна тага ја примив веста за смртта на мојот драг пријател и колега Петре Латиновски. Денеска нè напушти првиот градоначалник на Општина Бутел. Петре беше голем човек во секоја смисла на зборот. Човек со огромно искуство кој со неизмерна посветеност и труд направи многу за Општина Бутел и за Град Скопје. Делата твои и спомените за тебе ќе живеат вечно… Почивај во мир Петре, објави Коневски.