Марковска: „Проевропско крило“ во ВМРО-ДПМНЕ е само желба на владејачките партии

од Vladimir Zorba
391 прегледи

Изборите во Маврово Ростуше и Центар Жупа не можат да бидат мериторни за општото расположение меѓу граѓаните. За такви помали општини власта секогаш има на понуда „колачиња“, така да нека не се радува власта дека е победничка, а ВМРО ДПМНЕ дека се уште ќе „живее“ од славата на последните локални избори, вели во разговор за „Локално“, поранешната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска.

Таа смета дека за да се опорави, на земјава и се потребни „хируршки оперативни зафати кои ќе бидат направени од сериозен тим на луѓе“.

Во врска со изјавата на Мицкоски дека ќе си даде оставка ако се најде мнозинство со пратеници од опозицијата за да се изгласаат уставните измени, Марковска потенцира дека овој тип на изјави потврдуваат дека партиите се се уште „султан“ партии во кои не се важни другите фигури, туку се е концетрирано во рацете на „главниот“.

Како гледате на се позачестените коментари и изјавите на членовите дека во ВМРО-ДПМНЕ има т.н. „проевропско крило“ кое е подготвено да гласа за Уставните измени? Дали е ова своевиден притисок или пак обид да се „размешаат редовите“ во опозициската партија?

-На коментарите дека во ВМРО-ДПМНЕ има европско и антиевропско крило гледам повеќе како на желба на владејачките партии, опозицијата да се занимава со себе и постојано да бара „предавници, кртови, доушници“, или не знам што се ќе се измисли, отколку дека тоа постои. Впрочем сите пратеници се возрасни луѓе со професионално портфолио, со сопствени лични и партиски убедувања со кои може и не мора секогаш да се усогласиме, а ако постои партиска демократија на тоа не треба да се гледа како на „грев“ или уште полошо како на предавнички чин. Се разбира секогаш вистината излегува на површина, дали е тоа направено од убедување или е „потпомогнато“ од страна заради некој бенефит.

Колку, според вас, има единство во партијата по прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот?

-Сметам дека апсолутно нема проблем да се вметнат Бугарите и други малцинства како Црногорците ,Хрватите….ако на тоа се гледа како на чин во кој во државата Македонија сите уживаме еднакви права и обврски. Повеќе е проблем начинот или појасната уцената која нам ни се прави и тоа што ни претсавува услов за почеток на ЕУ преговорите на „добри меѓусоседски односи“. Такви добрососедски односи се градат, а не ги подобруваме ниту со декрети, ниту со услови, ниту со промена на Устав. Како поинаку да се сфати кога висока политичка делегација на чело со бившиот бугарски премиер и поранешни и сегашни бугарски политичари на сред Битола ќе ви кажат: „А кои се тие Македонци во Бугарија и каков е тој македонски јазик?“. Чиста провокација која само создава отуѓеност и омраза, ама предизвикана, а ние ќе се бориме преку напишани тони резолуции, променети устави против неа. На доброто со добро се возвраќа, општо човечко правило секаде во светот.

Ѓулистана Марковска

Ѓулистана Марковска

Очекувате ли Мицкоски да си го одржи зборот и да даде оставка ако се најде мнозинство со пратеници од опозицијата за да се изгласаат Уставните измени? Дали можеби ова е нешто слично како изјавата на Заев: „Ако не победи Шилегов, се повлекувам од премиерската позиција“?

-Ниту изјавата на Заев беше во ред, ниту пак оваа на Мицкоски, Македонија не е покерска игра, па вие ќе се обложувате, ќе наддавате или ќе блефирате. Тоа не се изјави на сериозни политичари. Секој може да е одговорен за себе и своите постапки и за никој друг. Ниту пратениците ниту градоначалниците не ги поседува никој, па уште помалку партиите или нивните претседатели. Тоа се луѓе избрани од народот кои времено ги трошат нашите даноци за општ добробит на сите граѓани. Овие изјави одат во прилог на тезите дека партиите се се уште „султан“ партии во кои не се важни другите фигури, туку се е концетрирано во рацете на „главниот“. Затоа ни е таква и државата и во право се луѓето кога викаат за изборите „симни се брате Мурто,за да се качи Мурто, после пак ќе се смениме“. Овде би сакала да додадам дека изминативе локални избори каде ВМРО-ДПМНЕ, извојува огромна предност со ветување дека нема да има бетонизација, дека ќе се зголеми зелениот простор на граѓаните сите, ама баш сите градежни дозволи кои беа во последен момент дадени „под рака“ од претходниците сега веќе се реализираат на голема врата, никому ништо не му е оневозможено да гради, да бетонира, само малку време да помине. Не ја гледам промената никаде освен Аеродром каде се одзеде градежна дозвола со цел да се направи парк. Никаде на друго место или можнии ретки исклучоци има за кои не знам, ама патот е тој, караванот си врви…се разбира до следните избори со нови ветувања. Колку избори се потребни да бидеме излажани и да почнат вистиски реализации на ветените нешта? Тоа е прашање чиј одговор веројатно никој не го знае, затоа секој народ си ја заслужва секоја власт, за жал.

Дали актуелното раководство заслужува да излезе на избори во 2024-та? Гледате ли надолен тренд во поддршката на партијата, откако „спласна“ еуфоријата околу францускиот предлог и условното започнување на преговорите со ЕУ?

-Дали актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде истото за изборите во 2024 година ќе одговорат партиските органи и тела. Не треба да држите беспотребна тензија, не треба да „присвојувате“ општо народно незадоволство, како она изразено со протестите по повод францускиот предлог, колку и „условно” вашето членство да учествува. Таму имаше и непартиски определени граѓани, млади, стари, секакви и особено не треба истиот протест „да го убиете“ прикажувајќи се себеси како жртва. Таму никој, никого не сакаше да убие. Таму имаше гласноговорници кои бараат членство во ЕУ, ама сакаат тоа да биде достоинствен и принципиелен чин. Обидот за таканареченото „убиство“ ги уби само протестите, зашто најголем дел од оние кои протестираа не сакаат да бидат учесници во било каков насилен настан.

Како вие ги толкувате неодамна завршените вонредни избори на локално ниво во Маврово, Центар Жупа и Тетово – како победа или пораз на ВМРО-ДПМНЕ?

-Изборите во Маврово Ростуше и Центар Жупа не можат да бидат мериторни за општото расположение меѓу граѓаните. За такви помали општини власта секогаш има на понуда „колачиња“, така да нека не се радува власта дека е победничка, а ВМРО ДПМНЕ дека се уште ќе „живее“ од славата на последните локални избори. Потребна е вистинска политичка волја за промени во корен, за промена на свеста за државата и нејзините институции. И на крај да се изразам медицински, дијагнозата за Македонија одамна е позната, досега беше на медикаментозна терапија која некаде и можеше да залечи некоја од болестите, за да се опоравиме потребни се хируршки оперативни зафати кои ќе бидат направени од сериозен тим на луѓе сплотени од знаење, искуства и храброст на помладите луѓе.

Б.М.

Слични содржини