ЛГБТ активистот Асани бара помош од институциите: Мета сум на насилни хомофобични напади, имам закани по живот

од Nikola Popovski
397 прегледи

Беким Асани, претседателот на невладината „ЛГБТИ Јунајтед“ од Тетово информира дека на 12 .09.2022 (понеделник) во 12 часот пред Владата ќе одржи прес-конференција. Тој ќе го свика брифингот поради како што вели „протест против насилството врз мене како ЛГБТ активист и ЛГБТ лице“.

-За само 4 месеци, јас бев мета на 3 насилни хомофобични напади во Тетово, Струмица и Скопје. Последните 2 напади се случија последниве 20 дена. Освен што не сум безбеден во родниот град Тетово, јас веќе не сум безбеден ни во Скопје, не се чувствувам безбеден дома, на улица, на работа, мене правото на слобода на движење ми е целосно одземено, вели Асани преку соопштение.

Активистот е разочаран и признава дека „освен физичките повреди ,најмногу болат тие психичките кои оставаат тешки последици со кои треба да се носам цел живот“.

-За сите три случаи до овој момент немам никаква информација од полицијата што е преземено, дали се откриени напаѓачите. Иако сите случаи се регуларно пријавени, доставена е документација, има сведоци дури и видео снимка на која еден од напаѓачите вика гласно “СИТЕ ЌЕ ВЕ УБИЈАМ”!, истакнува Асани.

ЛГБТ активистот е загрижен за својот живот и прашува „што уште треба да ми се случи за да биде преземено нешто?“.

-Јас во своја земја, во свој град, во своја татковина не сум безбеден, не можам ни мирно да спијам од напади од анксиозност. Сметам дека ова е тортура не само за мене туку и за мајка ми, за моите колешки и колеги, за сите членови на ЛГБТ заедницата. Барам од Владата на РСМ, Министерствата, Посебно Министерството за Внатрешни Работи и Министерството за Правда максимално да се ангажираат за да се откријат напаѓачите, да откријат дали овие напади се организирани од некого , дали некоја група стои позади овие напади. Едно сум сигурен дека јас немам веќе физичка и психичка сила да издржам уште еден напад, а како што се зачестиле нападите може и денеска и утре некој повторно да ме истепа!, оценува Асани во своето соопштение.

Слични содржини